Европскиот и американскиот концепт се судрија на Косово

Во основа, со недовербата кон владата на Албин Курти, станува збор за судир на две надворешни политики и две различни сфаќања за состојбата на Косово. Како што е познато, Германија се противи на идејата за поставување нови граници и размена на територии за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина, што како опција не е целосно отфрлено од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп

КОСОВО

Европската Унија ја изгуби трансатлантската битка што се однесуваше за иднината на дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Ова се најчестите коментари по гласањето недоверба на косовскиот премиер Албин Курти, кое се случи неделава, без голема расправа во парламентот на Косово. Ваквата разврска беше очекувана и долго стоеше како опција, особено по отвореното спротивставување на Курти за еднократното укинување на царините кон Србија, на што особено инсистираше Вашингтон. Наедно тоа значи и продлабочување на политичката криза во Приштина, која произлегува од длабоките разлики меѓу главните политички ривали за начинот на решавањето на српско-косовскиот спор, а која доби интензитет и со ширењето на коронавирусот на Косово.
Европската Унија, како и некои водечки земји-членки, преку своите индивидуални напори се обидоа да ја спречат смената на владата во Приштина, формирана пред 50 дена, која беше формирана со долги и тешки четиримесечни преговори меѓу победниците на последните парламентарни избори, Самоопределување на Албин Курти и Демократскиот сојуз на Косово со Иса Мустафа.

Според информациите на Радио Слободна Европа, германската дипломатија имаше посебна улога во изминатите денови за да се убеди Мустафа да се откаже од гласањето недоверба на косовската влада. Исходот од гласањето на 25 март покажа дека обидите на ЕУ биле неуспешни, пред аргументите за убедување со кои располагаше САД. Една од причините за поразот на ЕУ е последица на намалениот кредибилитет на Брисел во Приштина и неисполнетите ветувања кон регионот, а особено со неодобрувањето либерален визен режим за косовските граѓани, посочуваат аналитичарите.

Тоби Вогел од Советот за политика за демократизација не е изненаден од тоа што главните политички фактори на Косово останале глуви на европските препораки до водството во Приштина. Тој вели дека политичките случувања на Косово се оркестрирани од САД, а наедно смета дека во Приштина постои погрешна перцепција со која Американците се претставуваат како вистински пријател на Косово.
– Пречесто ЕУ даваше многу ветувања, а малку од нив исполни, пред сѐ за укинувањето на визниот режим за граѓаните на косово – вели Вогел за РСЕ.

Без да користи дипломатски речник, известувачката за Косово во Европскиот парламент, пратеничката Виола фон Крамон, постапката за разрешување на Албин Курти ја нарече „автогол на САД на Косово“, што ќе има историски димензии, пренесува Б92.
– САД спроведуваат опасен план на Косово. Целосно неодговорна политичка елита, која ги стави своите партиски интереси и кариери пред интересите на сиромашните граѓани на Косово, кои се надеваа на реформи, владеење на правото, како и на правда и на подобра иднина. Тоа е трагично. ЕУ, Франција и Германија треба да бидат пофалени за силната поддршка на премиерот Курти – изјави Фон Крамон.

Ставот на Белград, по последните случувања во Приштина, го изнесе српскиот министер за одбрана Александар Вулин, кој за ТВ Прва изјави дека падот на владата на Курти е последица на силен судир меѓу САД и Германија, во кој „булдожер-дипломатијата на Ричард Гренел овој пат беше посилна“.
Во основа, станува збор за судир на две надворешни политики и две различни сфаќања за состојбата на Косово. Како што е познато, Германија се противи на идејата за поставување нови граници и размена на територии за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина, што како опција не е целосно отфрлена од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Иако вирусот беше главната причина за почнување на иницијативата за падот на владата на Курти, тоа беше исто така предизвикано од многу подлабоко несогласување за тоа како да се реши деценискиот спор меѓу Косово и Србија. Во дебатата, Курти, долгогодишен активист, остана на спротивната страна од косовскиот претседател Хашим Тачи и на администрацијата на Трамп, пренесува американскиот весник „Њујорк тајмс“. Не случајно и самиот Курти, по гласањето во средата, изјави дека „осумдесетте пратеници гласале за планот за размена на територии“. Ова веднаш беше негирано од Стејт департментот, кој се огласи со соопштение во кое ги „отфрли како шпекулации информациите дека постои таен план за размена на територии меѓу Србија и Косово“.

Некои од медиумите во Германија и во Швајцарија пишуваат дека со падот на Курти, всушност, е поразена и неговата политика за справување со криминалот и корупцијата во претходната косовска власт, во која доминираа кадри од поранешната структура на Ослободителната војска на Косово. Ваквиот исход наедно значи и ставање на маса предлогот за размена на територии, за што се залагаат српскиот и косовскиот претседател Александар Вучиќ и Хашим Тачи. Гледано од поширок безбедносен аспект, овој концепт е понеповолен за поблиското опкружување. Поставување нови граници на Балканот ќе значи и отворање нови опции за нови „разграничувања“ на европско тло, а тоа е спротивно на интересите на Европската Унија, која по сѐ изгледа сега ги плаќа последиците од својата долгогодишна политика за држење на регионот на Западен Балкан во постојано исчекување за некое идно европско интегрирање. Затоа и последната одлука за почнување на преговорите со Македонија и Албанија за пристапување во ЕУ се чини задоцнето и само мал обид на Брисел да го врати приматот во регионот, кој сѐ повеќе е изложен на влијание на САД, Русија, Кина и на Турција.