Сите земји од регионот, освен Македонија и Бугарија, имаат подобрување на местата на ранг-листата за воената моќ што ја направи „Глобал фајрпауер“
Србија е прва воена сила во Балканскиот Регион, а по неа е Хрватска, намалување на воениот потенцијал имаат забележано само Македонија и Бугарија. Ова е краткиот преглед од извештајот за големината и силата на националните армии на земјите во регионот, кој го направи „Глобал фајрпауер“. Овој сајт секоја година објавува сопствена ранг-листа за националните вооружени сили, од најсилните до најслабите. Од поранешните југословенски републики најсилна армија има Србија, која се наоѓа на 61-то место со индекс од 1,0063, а зад неа две места подолу е Хрватска со индекс од 1,0331. Хрватските воени сили покажале напредок во однос на 2017 година кога биле на 68-то место, а во 2019 на 70-то место. Словенија е на 88-то место (2,0782), Босна и Херцеговина на 121-то (4,0474), на 123-то место е Црна Гора со индекс од 4,3841 и на последно место е Македонија (5,0801) и се наоѓа на 133-то место од вкупно 139 рангирани земји во светот. Од земјите во поблиското опкружување, Бугарија е на 67-то место со индекс 1,1438, Албанија на 113-то место со 2,9166 и Унгарија на 55-то место со индекс 0,9187.
Србија направила сериозен напредок во подобрувањето на воените потенцијали на националната војска од 2017 година, кога земјата беше на 89-то место. Во последните години објавувањето на новите податоци за воените потенцијали на земјите во регионот е проследено со споредбите меѓу Србија и Хрватска, кои неформално се во тивка „војна“ за преземање на приматот на најголема воена сила на Балканот! Според анализата на повеќе индикатори, врз основа на која се прави листата на „Глобал фајрпауер“, Србија има двапати повеќе активни припадници на вооружените сили, односно 30.000 војници во однос на Хрватска со 15.500. Српската војска може да смета и на двапати поголемиот број резервисти од 50.000 лица, со 20.000 резервисти во Хрватска.
Српскиот воен буџет е поголем од хрватскиот или 1,14 милијарда долари наспроти 880 милиони. Хрватска има 75 воени летала, од нив само 12 се борбени ловци и 37 хеликоптери. Србија располага со 113 воени летала, од шест борбени ловци и 51 хеликоптер.
Во оклопното вооружување предноста е на српската војска, која може да смета на 304 тенка, а Хрватска располага со 72 тенка. Србија има вкупно 1.200 оклопни возила, а Хрватска 650. Меѓутоа, Хрватска има појака морнарица, поради излезот на море, пренесува Б92.
Последните години двете соседни балкански земји преземаат чекори за осовременување на своите армии, главно потпирајќи се на помошта на своите традиционални сојузници. Србија се обидува својата стратегија за создавање ефикасен одбранбен систем да ја темели на политиката на „воена неутралност“, со што и набавките на воена опрема ги прави од повеќе земји (Русија, Кина, Франција, Турција…). Хрватска се потпира на воената логистика од САД, од каде што доаѓа поголемиот дел на воени донации. Последната се однесува на подарок од 84 борбени возила „бредли“, со кои ќе биде опремена оклопната механизирана единица на ХВ во Нашице, пишува „Јутарњи лист“. Вредноста на овие возила без опрема изнесува околу 20 милиони долари. Оваа набавка е дел од обврската на Хрватска до 2026 година да ја исполни целта од НАТО за опремување на средно пешадиска бригада на борбени оклопни возила- гасеничари. Хрватската војска го приведува кон крајот и процесот за набавка на нови борбени авиони.
НАТО во своето дејствување мора да биде поотворено за случувањата на Балканот и за военото зајакнување на Србија, посочи пензионираниот врховен командант на НАТО, Филип Бридлав. Тој смета дека 2021 година ќе биде обележана со интензивирање на судирот меѓу Западот и Русија за иднината на југоисточниот дел на Европа, јави хрватската новинска агенција „Хина“.
– Оваа година ќе биде година на растечки судири меѓу Западот и Русија за иднината на Западен Балкан – изјави генерал Бридлав, учествувајќи на виртуелна тркалезна маса со хрватските новинари.
„Глобал фајрпауер“ секоја година го пресметува „пауер индексот“ врз основа на повеќе од 50 фактори, а покрај воената сила, ги разгледува и финансискиот потенцијал на земјата, логистичките капацитети, географските услови и сл. САД и натаму е на првото место со индекс од 0,0718 (колку индексот е поблиску до нула, воената сила е поголема). Русија е на второ место и заостанува со мал дел, односно има индекс од 0,0791. Но оваа разлика е постојана во споредба со претходните години.