Државите од регионот со иновации ги мотивираат граѓаните да се вакцинираат
Во Србија, Хрватска и во БиХ медицински персонал заедно со специјализирани автобуси на терен ги вакцинира граѓаните во руралните тешко достапни места. Овие акции се за да се забрза процесот на имунизација на населението
Повеќето земји од регионот заради поголема имунизација на своето население пред почетокот на есента, покрај отворањето на големиот број вакцинални пунктови, периодов воведуваат и иновативни форми за вакцинирање и издигање на свеста кај граѓаните од опасноста од коронавирусот. Имено, министерот за здравство на Хрватска, Вили Берош, и директорот на Хрватскиот институт за јавно здравје, Крунослав Цапак, вчера со ковид-автобуси ја промовираа вакцинацијата и ја истакнаа важноста од високата стапка на вакцинација за туристичката сезона, но и како подготовка за новиот бран на пандемијата наесен.
– Во Хрватска се вакцинирани нешто повеќе од 40 проценти од возрасната популација, но откриен е новиот опасен индиски сој на вирусот, така што нема опуштање – рече Цапак во местото Стари Градац, од каде што тргна првиот ковид-автобус кон руралните населени места.
Цапак го опиша воведувањето на ковид-автобусите како важен момент, со оглед на намалениот интерес за вакцинација.
Како што информираа хрватските здравствени власти, со оваа иновативна форма тимовите за вакцинација стигнуваат до куќите на жителите во помалите градови и до луѓето што се двоумат дали треба да се вакцинираат и да патуваат во поголемите градови за тоа. Според пишувањата во хрватските медиуми, ковид-автобусите, по претходно договорен редослед, ќе ги обиколат областите на окрузите и ќе останат одредено време во помали места, од кои некои немаат никакви здравствени установи во нивната област.
Во меѓувреме оваа иновативна форма на имунизација на населението не е прва во регионот. Неколку недели пред Хрватска, Србија веќе започна да врши вакцинирање на своето население во руралните средини каде што нема пунктови за вакцинирање и достапни здравствени установи со ист односно сличен метод, преку употреба на мобилни ковид-автобуси.
Српскиот претседател Александар Вучиќ смета дека е важно да се мотивираат луѓето да се вакцинираат до крајот на летото. Тој неодамна изјави дека поради тоа ќе се вози со автобус до селата во Србија, за да разговара со граѓаните за вакцинацијата.
По повод појавувањето на противниците на вакцинацијата, кои честопати се водени од одредени теории на заговор, претседателот додаде дека сите што го загрозуваат здравјето ќе завршат зад решетки.
– Нека дојдат кај мене да ги деинсталираат тие чипови за кои постојано зборуваат во јавноста и така го загрозуваат здравјето, со лаги и измами – изјави тој за повиците на социјалните мрежи за деинсталирање на чиповите добиени од вакцината.
Тој наведува дека Србија е еден од лидерите во вакцинацијата во регионот и светот и дека тоа не би било така доколку луѓето не сакаат да се вакцинираат. Во таа насока, здравствените власти во Србија веќе организираат ковид-автобуси со кои се имунизира населението во руралните делови на Србија.
Според Ал џезира, другите земји исто така превземаат слични мерки за вакцинирање на своето население преку мобилни пунктови за вакцинирање. По Хрватска и Србија, според пишувањата, следни земји што ќе започнат со сличен проект се БиХ и Црна Гора.
Паралелно со ова, епидемиологот и член на републичкиот кризен штаб за борба против ковид-19 на Србија, Бранислав Тиодоровиќ, вели дека ја поддржува акцијата за вакцинирање во ковид-автобусите, но и во трговските центри низ градовите, бидејќи тоа им овозможува на граѓаните да се вакцинираат додека ги извршуваат секојдневните обврски и го трошат своето слободно време. Тој истакнува дека ова е момент кога фокусот на вакцинацијата мора да биде и во работните колективи.
– Зошто? Затоа што граѓаните на возраст од 26 до 64 години, тоа е работно активно население, имаат низок удел, нешто над 30 отсто, од вкупниот број вакцинирани. Треба да постигнеме таа бројка да биде најмалку 60 отсто – вели Тиодоровиќ.
Инаку, во нишкиот дом за здравје се задоволни од одзивот на граѓаните и од тоа што, како што велат, на овој начин вакцинацијата им ја приближуваат на младите. Директорот на Здравствениот дом, Милорад Јеркан, неодамна истакна дека народот сфатил дека вакцинацијата е единствениот лек и затоа повика на вакцинација на населението и од селата, но и од помалите населени места.
– Ги молам трудниците помеѓу третиот и шестиот месец на бременоста задолжително да се вакцинираат, бидејќи тоа е најдобра заштита и го јакне имунолошкиот систем. Голема е молбата да се вакцинираат и младите луѓе – порачува д-р Јеркан.