Првата работна недела по новогодишните и божиќните празници почна со лоши вести, со кои новинарството во сите балкански земји се претставува во лошо светло. Апсењето на новинари во Црна Гора што пласирале лажни вести, одбивањето на албанскиот претседател да го потпише законот со кој се регулираа работењето на онлајн-медиумите, највулгарната таблоидизација на медиумскиот простор во Србија се дел од проблемите што влијаат на работата на новинарите и нивните намери за слободно и професионално информирање. Ни Македонија не беше заобиколена од информациите што ја покажуваат неповолната состојба во која се наоѓа новинарската професија. Како што е познато, поранешен висок раководител во Централниот регистар и висок партиски функционер беше посочен дека на социјалните медиуми упатувал закани до една новинарка.
– Новинарството на балканските простори е на дното. Новинарството е лошо во сите земји од опкружувањето и во земјите што се влезени во Европската Унија, како што се Хрватска и Бугарија. Иста е состојбата и во Македонија. Генерално, медиумите се водени од политиката, не се посветени на професионалните и етичките норми во информирањето – ни изјави Мирче Адамчевски, долгогодишен новинар и уредник.
Според него, за ваквата неповолна состојба на балканскиот медиумски простор најмалку се виновни новинарите, кои добро знаат кои се принципите на етичкото информирање.
– Проблемот се јавува кога тие ќе се соочат со клиентелизмот на тие што ги водат медиумите и нивната поврзаност со власта. Со чест на исклучоци, има и новинари што ја бранат својата позиција, но на крајот и тие ќе се соочат со притисоците што доаѓаат од власта или ќе мора да ја напуштат професијата. Основен проблем е што државите во регионот не сакаат да имаат слободни медиуми. Демократизацијата во оваа новинарска дејност е долг процес и со тоа многу се доцни. Потребно е да се смени целото општество. Сѐ уште не се докрај воспоставени односите во медиумската сфера. Клиентелизмот и партизацијата на државата се присутни насекаде, а без демократизација на општеството не можеме да зборуваме и за слобода во информирањето – заклучува Адамчевски.
Во напорите да го регулира работењето на онлајн-медиумите, владата на Еди Рама пред Нова година донесе пакет закони со кој се предвидуваше изрекување високи казни за медиумите и нивните сопственици во случај да пласираат лажни вести. Албанскиот претседател Илир Мета, кој е главен опозиционер на албанската власт, не го потпиша и го врати на повторно разгледување во Собранието „пакетот закони за спречување клевета“, оценувајќи дека е спротивно со Уставот и европските конвенции.
Пакетот закони беше усвоен и покрај протестите на 15 албански новинарски здруженија и невладини организации, кои го повикаа Парламентот да ги отфрли новите закони предложени од Владата, велејќи дека тие ќе ги нарушат слободата на изразување и слободата на медиумите, бидејќи се во судир со меѓународните принципи. Премиерот Еди Рама, бранејќи го владиниот предлог, од собраниската говорница тогаш рече дека целта на усвојувањето на двата нови закона е борба против лажните вести и дека тие биле целосно во согласност со меѓународните стандарди.
Под сомнение дека извршиле кривично дело предизвикување паника и немири, полицијата во Подгорица ги уапси главните и одговорни уредници на црногорските портали „Борба“ и „ИН4С“. Тие се товарат дека предизвикале паника во јавноста објавувајќи лажни вести со случувањата во „Вила Горица“ во Подгорица без да ги проверат информациите. „Вилата Горица“ во Подгорица се користи за прием на високи гости и делегации од странство од страна на претседателот Мило Ѓукановиќ и Владата. Во вилата завчера попладне се запали разводна кутија, но дефектот брзо беше саниран, пренесуваат медиумите во Црна Гора.
Во Србија подолго време се води главната политичка борба меѓу власта и опозицијата, која смета дека „режимот на Александар Вучиќ ја ограничува слободата на информирањето“. Начинот на медиумското известување е и главната тема со која опозициските партии го условуваат своето учество на предвремените парламентарни избори што се најавени за оваа пролет. Но најновиот повод за политичка пресметка е т.н. таблоидизација на српското новинарство за случајот со грабнувањето на малолетното девојче и неорганизираноста на српската полиција, која десетина дена трагаше по грабнувачот. Претседателот на Партијата за слобода и правда, Драган Ѓилас, ги обвини уредниците на неколку таблоиди во Србија дека од поодамна ги преминале границите на професионалното информирање.
– Таблоидите ја знаат моќта на медиумите и како тие влијаат на животот на луѓето. Но јасно им е дека животот на детето не им значи ништо. До кога таблоидите ќе го кршат законот со објавување грозни детали од ова злосторство – изјави новинарската Тамара Скроза за весникот „Данас“.
Државниот секретар во Министерството за култура и информирање Александар Гајовиќ изјави дека против три таблоиди што објавиле делови од исказот на осомничениот педофил Нинослав Јовановиќ ќе биде поднесена прекршочна пријава поради непочитување на Законот за информирање.
За овој случај се огласи и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој за ТВ Пинк изјави дека таблоидите не се најголемото зло во земјата, а вината за таблоидизацијата на Србија ја префрли на лидерите на опозицијата.
Поголема заштита на новинарите
Претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и на Здружението на новинари на Македонија вчера се сретнаа со министерката за правда Рената Дескоска и разговараа за изменување и дополнување на Кривичниот законик во насока на поголема заштита на новинарите и медиумските работници при нивното работење, како и воведување поголеми и поригорозни казни за напаѓачите. Средбата се одржа по јавните закани од партиски функционер упатени врз две новинарки.
Претставниците на ССНМ и на ЗНМ истакнаа дека неказнивоста на нападите врз новинарските екипи мора да престане и дека е потребно да се воспостави поефикасен систем за заштита на новинарите при нивната работа.
Новинарството на балканските простори е на дното. Новинарството е лошо во сите земји од опкружувањето и во земјите што се влезени во Европската Унија, како што се Хрватска и Бугарија. Генерално, медиумите се водени од политиката, не се посветени на професионалните и етичките норми во информирањето, вели Мирче Адамчевски, долгогодишен новинар и уредник