Со оддалечувањето на ЕУ од регионот се создава простор за кинеско преземање на економската и политичката моќ

Влијанието на Кина во регионот се остварува на поефикасен начин, но со одобрените кредити за инфраструктурни проекти, кои изгледаат поволно, може да биде финансиски товар за земјите од Западен Балкан

Искористувајќи ја лошата инвестициска клима на Балканот, Кина користи лесни кредити за да оствари влијание и обезбедување долгорочна политичка зависност на регионот. Додека Русија има одредено влијание преку православното христијанско население во Западен Балкан, а Турција го прави тоа преку муслиманите, влијанието на Кина се остварува на поефикасен начин, кој има финансиска природа. Проблемот со заемите од ваков карактер е што тие првично изгледаат како добра можност за инвестиција, но на долг рок стануваат финансиски товар, за редовно исплаќање на ратите. Притоа, државите може да бидат оптоварени со огромен долг, со што се отвора и патот за политичко-дипломатско дејствување од страна на земјата кредитор. Кога една земја не е во состојба да го исплати својот долг, таа станува подложна на кинеско влијание, пишува меѓу другото во текстот на Висар Џамбази од БИРН, објавен на Балкан инсајт.

Кинескиот претседател Си Џинпинг во 2013 година ја најави иницијативата „Појас и пат“, во вредност од 900 милијарди американски долари, со чија реализација ќе се овозможи поврзување на меѓународните трговски патишта, за побрз проток на кинеските производи. Така, Пекинг се промовира како значаен фактор на Балканот. Во изминатите години Кина ја проширува својата странска помош, ги зголемува инфраструктурните инвестиции и вложувањата во енергетскиот сектор, особено во време кога Европската Унија се оддалечи од регионот, создавајќи вакуум-простор за преземање на економската и политичката моќ во регионот. Кинеските инвестиции, сепак, имаат значителни недостатоци. Покрај можноста земјата да стане заложник на кинеските кредити, Кина се посочува и како земја кредитор, која бара тајни преговори што водат кон неконкурентни цени за кредитирање на инфраструктурните проекти
Главен пример за дипломатска стапица на долгови е проектот за автопат Бар – Белград во Црна Гора, кој се сметаше за економски неоправдан, според две студии за оправданост. Но власта во Црна Гора одлучи да се влезе во реализацијата на проектот, со што долгот на земјата се искачи над 80 проценти од националниот БДП во 2019 година. Во моментов, Црна Гора ѝ должи на Кина околу 800 милиони евра за изградба на автопатот, се посочува во текстот на БИРН. Во 2015 година, една кинеска компанија беше во центарот на корупцискиот скандал и во Македонија, кога се појавија прислушуваните телефонски разговори, кои ги објави тогашната опозиција, а во кои се слушаа разговори меѓу поранешниот премиер Никола Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиески за наводно договарање за провизија од 25 милиони евра од кинеската фирма „Синохидро“ во замена за добивање изградба на два автопатишта.

Аналитичарите велат дека растот на кинеското влијание може да направи опасност од раздор меѓу Балканот и ЕУ, која инсистира на барањата за спроведување тешки реформи што се потребни на регионот за евентуално придружување на Унијата.
– Кина има доста јасни економско-политички цели низ Источна Европа, за да создаде инфраструктура неопходна за ширење на своите иницијативи во Европа. Слабите локални економии влегуваат во замката на должничката зависност, со што се овозможува и повисок степен на дипломатско и политичко влијание. Мислам дека обичниот народ на Балканот не сфаќа во колкава мера Кина многу брзо станува фактор во регионалната политика. Но елитите, секако, го разбираат тоа – вели Јасмин Мујановиќ, аналитичар за Балканот, кој живее во САД, во изјава за РСЕ.
Кинеското влијание е најсилно во Србија, каде што инвестираше повеќе од четири милијарди американски долари од 2011 година. Србија ги проширува своите односи со Кина на различни полиња, и покрај нејзината европска перспектива и политичката визија.

– Стратегиски, иницијативата на Кина „Појас и пат“ има важна точка во грчкото пристаниште Пиреј. За да се транспортира нивната стока до пазарите на Европската Унија, таа мора да помине низ Македонија и Србија. Затоа, Кинезите многу вложуваат во српската инфраструктура, за да ги намалат транспортните трошоци. Во Македонија имаат и договори за модернизација и изградба на автопатишта – вели Стефан Владисављев, програмски асистент во Белградскиот фонд за политичка исклучителност, во изјава за Радио Слободна Европа, за мотивите на Пекинг за почнување големи инфраструктурни проекти во овој дел од светот.
Во интерес на Србија е обновата на катастрофалната железничка инфраструктура, а Кина е избрана поради „полесната процедура“ за кредитирање, објаснува Владисављев.

– Кинезите се јавија како партнери што без многу прашања одобруваат високи финансиски средства. Тие не доаѓаат со некои други услови што се поставуваат при потпишувањето на договорите за кредитирање со Светската банка или Европската инвестициска банка. Нема дополнителни услови што се однесуваат на генералното владеење на правото или подобрување на правата на работниците -објаснува Владисављев.

Во Босна и Херцеговина, кинеските компании инвестирале во неколку проекти за електроцентрали, при што Тузла е најголема досега. Босна и Херцеговина зеде заем од 700 милиони евра од кинеската „Ексим банка“ за проектот „Тузла“, што ја прави најголема повоена инвестиција во земјата и една од бројките што придонесоа за 14 проценти од вкупниот надворешен долг на Босна што ѝ се должеше Кина. Медиумите во БиХ ја пренесуваа информацијата дека преземените активности во електроцентралата во Тузла не е во согласност со пропишаните стандарди на загадување на ЕУ. Кина примени поинаков пристап во Албанија. Во 2016 година, кинеска компанија купи најголема нафтена компанија во Албанија. Во јуни 2019 година, „Банкерс петролеум“ е казнета со казна од околу 120 милиони евра за затајување данок, пишува во текстот на БИРН.