Во напната атмосфера црногорскиот парламент утрово го донесе законот за слобода на религија по тешкиот инцидент кога пратениците од опозицијата побрзаа да ги тепаат оние што гласаа.
Пратениците на Демократскиот фронт го сторија тоа во обид да го спречат донесувањето на законот. Тие поитаа да се тепаат со членовите на владејачката коалиција, ги маваа со шишиња, чаши, насилно им ги зимаа микрофоните и се обидоа да фрлат солзавец во пленарната сала.
Пред донесувањето на законот, патиштата беа блокирани низ Црна Гора како одговор на повикот на ДФ, чии лидери, за време на парламентарната расправа, ги повикаа поддржувачите да ги блокираат улиците и да се заканат со судири во случај да се донесе законот.
По повикот следеа блокади ширум земјата, беше блокиран автопатот Бјело Поље – Беране, протести имаше и на неколку локации во Подгорица, Никшиќ, Беране, Херцег Нови, Бар и Будва.
Ширум Црна Гора, граѓаните уште синоќа ги блокираа патиштата во знак на протест против најавеното усвојување на закон за слобода на религијата. Законот, според неговите критичари, предвидува и заплена на имотот на Српската православна црква (СПЦ).
Последен во низата градови кои се приклучија на блокадите е Никшиќ, каде граѓаните го блокираа излезот,односно кружниот тек, јавуваат црногорските медиуми.
Претходно бил блокиран мостот, автопатот Бјело Поље – Мојковац, како и патот кон границата со Албанија, а група граѓани од Херцег Нови исто така го блокирале патот кај Зеленика. Граѓаните исто така го блокирале кружиот тек во Будва, каде им се придружил и градоначалникот на Будва, Марко Царевиќ.
Во меѓувреме, полицијата ги одлобирала приодите кон Подгорица и привела неколку лица.
Според Советот за цивилна контрола на полицијата, на булеварот на излезот од Подгорица, полицијата интервенирала против група од околу триесет лица кои го блокирале сообраќајот со своите моторни возила, и дека неколкумина, меѓу кои и еден свештеник, биле уапсени.
– Им беа издадени наредби, по што се користеше сила кон една група кои беа отстранети од асфалтот и се употреби и спреј. Оние коишто даваа отпор се приведени. Според полициските информации, ниту едно од нив не е повредено. Меѓу нив има и еден свештеник, кој исто така го блокираше сообраќајот со возило и даваше отпор – рече претседателот на Советот Александар Саша Зековиќ.
„Вијести“ јавуваат дека свештеникот кој бил приведен е монахот Никола Булатовиќ (51) од манастирот во Беране.
Демонстрантите во Никшиќ го блокираа тунелот Будош. На патот кон тунелот, тие биле пречекувани од групи граѓани кои и се приклучувале на толпата. Демонстрантите во Никшиќ претходно пробиле полициска блокада и се движеле кон тунелот Будош.
Тие извикувале „Мило, крадец, не ти ги даваме светилиштата“, носејќи факли, пренесува Ин4с.
Црногорското собрание вчера расправаше за законот за слобода на вероисповед.Во предлог законот стои дека на државата ѝ се враќаат верските објекти и земјиштето кое верските заедници го користат на територијата на Црна Гора, а за кои ќе се утврди дека се изградени со средства на државата или биле во нејзина сопственост до 1 декември 1918 година. Предлогот го поддржа Црногорската православна црква која смета дека со него ќе ѝ биде вратен имотот незаконски препишан на СПЦ.
СПЦ во Црна Гора има во сопственост 66 главно средновековни манастири, десетици цркви и други недвижности. Митрополитот на СПЦ во Црна Гора, Амфилохие власта во Подгорица поради ова ја нарече „поранешни титоисти“ и „група богаташи“ кои сакаат да ги ограбат и храмовите. На законот му се спротивставува и просрпската опозиција која се противи на евроатлантскиот пат на Црна Гора.
Српскиот патријарх Иринеј изјави дека е длабоко потресен од актуелните случувања во Црна Гора по повод законот за слобода на вероисповед или уверувањата и правната положба на верските заедници, соопшти Српската православна црква (СПЦ).
СПЦ наведува дека патријархот ова го кажал во средата на средбата со новоименуваниот српски амбасадор во Црна Гора, Владимир Божиновиќ.Тој додал и дека „посветено се моли“ на Бога за мир и единство на црногорските државни органи и црковни великодостојници заради доброто на сите народи без разлика на вероисповедта и националната припадност на Црна Гора.