Земјите од регионот имаат различен пристап за прашањето за доброволно прифаќање мигранти од Авганистан, но сите заедно се во неизвесност и очекување нов прилив на мигранти
Земјите од регионот имаат поделен став околу можноста за прием на бегалци од Авганистан што соработувале со меѓународните сили и организации. Албанија, Косово и Македонија прифатија привремено да примат бегалци од Авганистан, кои подоцна треба да заминат во САД. Црна Гора одлучи да не прифаќа бегалци во оваа фаза од оваа земја, објави црногорското министерство за надворешни работи. На прашањето за заедничката миграциска политика на Европската унија, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ одговори дека сега е тешко да се каже и дека ќе ги разгледа околностите. Тој изјави дека Авганистан е една од земјите од каде што дошле голем број мигранти и бегалци и дека ќе се грижи да ја заштити границата и да избегне човечки трагедии. Од Владата на Босна и Херцеговина велат дека досега не добиле барање за прифаќање мигранти од Авганистан, додека во Србија, исто така, нема одлука за привремено да ги прими жителите на Авганистан.
Словенија, чија воена мисија учествуваше во меѓународната операција во Авганистан, работи на извлекување две семејства што соработувале со словенечката единица. Станува збор за вкупно 14 лица, кои по редовната процедура ќе добијат азил во Словенија, изјави Матеј Тонин, министер за одбрана. Носителот на едно од семејствата работел како преведувач, а другото семејство сѐ уште има проблем да стигне до аеродромот во Кабул.
Покрај доброволниот прием на мигранти од Авганистан, земјите од регионот во наредниот период ќе се соочат и со проблемот за сместување и прифаќање на мигрантите од оваа земја, кои самоиницијативно се обидуваат да пристигнат на европска почва. Хрватскиот премиер Пленковиќ рече дека ќе направи сѐ да се заштити надворешната граница на Европската Унија, со цел да се избегне поголем бран бегалци што ќе ја дестабилизираат ситуацијата во Европа.
– Ќе направиме сѐ за да ги заштитиме границите на Хрватска, да избегнеме поголем бран бегалци што би ја дестабилизирале ситуацијата во Европа – рече Пленковиќ.
Во Босна и Херцеговина и во Србија очекуваат зголемен број Авганистанци, но процените на невладините организации се дека нивниот број нема да биде голем.
Гордан Пауновиќ, од невладина организација во Србија, за Радио Слободна Европа вели дека не е реално да се повтори бегалскиот бран од 2015 година, кога во земјата дневно влегувале меѓу три и десет илјади лица.
– Мигрантите што првите шест месеци се појавиле во Србија главно како мотив да ја напуштат земјата го споменуваа стравот од талибанците – вели Пауновиќ.
Од Комесаријатот за бегалци и раселени лица во Србија (КИРС) велат дека засега нема зголемен број бегалци од Авганистан. Состојбата е иста како и во претходните две години. Мигрантите од Авганистан редовно доаѓаат и заминуваат. Тие се најмногубројна мигрантска група во српските центри. Лани низ Србија поминале 22.000 граѓани од Авганистан, а годинава од оваа земја се регистрирани 8.500 авганистански државјани.
Радош Ѓуровиќ, од белградскиот невладин Центар за заштита и помош на барателите на азил, вели дека е тешко да се процени дали состојбата во Авганистан ќе предизвика поголем бегалски бран, но сигурен е дека тамошните случувања ќе се одразат на состојбата на Балканот. Тој укажува на податокот дека во Турција со месеци пристигнуваат авганистански бегалци.
– Очекуваме кризата во Авганистан да влијае на интензивирање на мигрантската маршрута на Балканот, но таа нема да биде во милионски бројки како во 2015 година – вели Ѓуровиќ за РСЕ.
Слободан Ујиќ, директор на Службата за работа со странци во Босна и Херцеговина, вели дека државјаните на Авганистан се меѓу првите три држави чии граѓани се појавиле на балканската маршрута.
Министерот за миграција Нотис Митараки изјави дека Грција нема „повторно да биде портата за нерегулираниот бран бегалци кон Европа“. Тие веќе имале сместено 40.000 Авганистанци, од кои половината имаат признаен бегалски статус, а преостанатиот дел се баратели на азил. Освен тоа, неговата влада верува дека Турција е сосем безбедна земја за авганистанските бегалци.