Три часа по првичниот земјотрес, жителите на Тирана бегаа од станбените згради, а некои во рацете ги носеа децата. Една постара жена го загубила животот штитејќи го нејзиниот внук со своето тело, пренесува „Ал џезира“. Најмалку деветмина ги загубија животите, а повеќе од 300 лица се повредени, според досегашните информации.
– Три часа по земјотресот уште бевме будни, кога ги почувствувавме помалите потреси. Последниот нѐ протресе навистина силно. Во станот сѐ околу нас паѓаше, а шесткатната зграда се нишаше силно – изјави Рафик, жител на Тирана.
Еден жител на Драч е благодарен што неговото семејство е безбедно, откако беше заробено под урнатините во срушена зграда.
– Моите ќерка и внука беа во урнатините. Тие се безбедни. Разговарав со нив и тие се во добра состојба – објаснува тој.
Сеизмологот Рапо Ормани изјави дека по силниот земјотрес имало и други, но тие биле со помал интензитет. Тој ги советуваше граѓаните да останат неколку часа надвор од своите домови и да не се приближуваат кон оштетените градби, под опасност тие да се урнат.
– По големиот земјотрес имало и неколку други, но со помал интензитет. Луѓето треба да останат неколку часа надвор и да не се приближуваат кон оштетените градби, бидејќи конструкцијата им е ослабната од потресот. На повеќето оштетени згради треба да им се пристапи само откако експертите ќе ги прегледаат и истото ќе го одобрат – рече Ормани.
Тој потсети дека сите треба да бидат внимателни и да се држат на растојание од урнатите и оштетени градби. Ормани ја спореди ситуацијата со земјотрес што ја погодил Албанија во 1926 година. Тогашниот потрес беше проследен со втор земјотрес. Поради ситуацијата, наставата во училиштата ќе биде во прекин денес и утре.
Министерката за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку излезе на терен и ги посети засегнатите семејства од земјотресот во близина на Драч. Таа побара патиштата да не се блокираат со возила, при што амбулантните возила и другите возила за итни случаи би имале полесен пристап до теренот. Автопатот Тирана-Драч бил затворен од безбедносни причини.
– На автопатот Шкозет има материјални штети и поради безбедносни причини сметаме дека тој треба да биде затворен за сообраќај – изјави Балуку.
Министерката за одбрана, Олта Џачка, информираше дека 400 војници се на терен. Таа изјави дека ситуацијата е сериозна и исто така советуваше граѓаните да се држат подалеку од оштетените и критични градби додека тие да бидат идентификувани и прогласени за безбедни.
Силниот земјотрес исто така предизвика штета на тврдината Преза, културен споменик кој е започнат со изградба во 14 век и завршен во 15 век. Тврдината е видно оштетена. В.Т.