Владата на Еди Рама донесе пакет закони со кои се регулира работењето на онлајн-медиумите, но новинарските здруженија во Албанија сметаат дека се ограничува слободата за информирање

Усвојувањето на пакетот закони за спречување на клеветата, наиде на остри реакции од новинарските здруженија во Албанија. Додека за претставниците на извршната власт, но и за самиот премиер Еди Рама, законските измени во сферата на јавното информирање се начин за одбрана од лажните вести, за медиумските работници и здруженија претставуваат црн ден за новинарството.

Некои од албанските новинари со црни ленти преку устата и со пароли со пораки од типот „Новинарството не е кривично дело“ на протестите пред парламентот, во четвртокот, се обидоа да го спречат донесувањето на новите закони за медиуми. Со законодавниот пакет во иднина треба построго да се регулираат онлајн-медиумите. Агенцијата за аудиовизуелни и медиумски услуги ги презема посебните надлежности со кои може да им наложи на онлајн-медиумите да отстранат одредени содржини од нивните веб-страници ако објават невистини. Ако медиумот не реагира, му се закануваат казни и до 6.500 евра, па дури и блокирање на страницата.
– Оваа земја ја мачи опскурантизам. Голема тага. Ова е навистина црн ден – напиша познатата албанска професорка по медиуми Артан Фуга на својата фејсбук-страница, објави „Дојче веле“.
Во одбрана на законот, Рама во парламентот изјави дека законот е работен и усогласен заедно со ОБСЕ.

– Целта e заострување на законските рамки, за да се овозможи регулација и дисциплинирање во оваа џунгла – изјави Рама.
Тој на Твитер во вторникот навечер објави дека законот е во согласност со меѓународните стандарди и вети натамошна поддршка во имплементацијата на законот, за да се осигури дека „медиумските регулаторни власти ќе го спроведуваат законот на вистински независен начин“.
Новинарските здруженија во земјата се сомневаат дека Агенцијата за регулација на медиуми ќе работи независно. Александар Ципа, раководител на Албанската асоцијација на медиуми, во овој закон за медиуми гледа обид да се цензурираат онлајн-медиумите.
– Креирани се предуслови за трансформација на АМА во агенција за цензура – е коментарот на Ципа, даден за „Дојче веле“.
Кристина Воко, раководителка на албанската Балканска истражувачка мрежа (БИРН), гледа голема опасност од самоцензура.

– Ако на новинарите им се заканува казна што е неколкупати повисока од нивните месечни примања, тоа ќе води кон „протоколарно известување“ и јавноста нема да добива квалитетни информации – вели таа за „Дојче веле“. За Воко законот не е ништо повеќе од механизам за цензура. Единствена надеж за новинарските здруженија е сега претседателот Илир Мета да не го потпише законот.
Ставот на познатата организација на новинарите „Репортери без граници“ е дека реформата чувствително ќе ја ограничи медиумската слобода во Албанија – изјави за „Дојче веле“ Кристијан Мир, претседател на германскиот разгранок на организацијата.


Мета со вето за законите

Претседателот Илир Мета претходно застана зад барањата на новинарските здруженија и најави дека нема да го потпише законот, туку ќе го врати во парламентот.
Претставникот за слобода на медиумите при ОБСЕ, Харлем Десир, изјави дека на нацрт-законот сѐ уште треба да се работи, за да се намалат евентуалните казни за објавување наводно лажни вести, со оглед дека казните се до 16.000 евра.
Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, во изјава за медиумите во понеделникот побара текстот на законите да се разгледа од почетокот, сметајќи го за „тежок удар врз слободата на изразување“.
Новинарските здруженија најавија дека ќе го оспорат законот пред Уставниот суд на Албанија.