Писмото на министрите за надворешни работи на Австрија, Хрватска, Чешка, Германија, Грција, Ирска, Романија, Словачка и на Словенија е прво посилно и јавно обраќање на дел од членките на Европската Унија, по поставувањето на бугарското вето за Македонија, поради несогласување за историјата и јазикот
Девет земји-членки на ЕУ упатија писмо до шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, со барање на состанокот во април на министрите за надворешни работи на ЕУ да се одржи стратегиска дискусија за Западен Балкан и за неговите перспективи. Министрите за надворешни работи на Австрија, Хрватска, Чешка, Германија, Грција, Ирска, Романија, Словачка и на Словенија порачаа „дека е крајно време за стратегиска поглед на Западен Балкан“.
„Се чинеше дека процесот на проширување на ЕУ доби нов интензитет во пролетта 2020 година, кога Северна Македонија и Албанија добија зелено светло од министрите на ЕУ да започнат разговори за пристап подоцна истата година. Сепак, процесот наиде на ’камен на сопнување‘ кога Бугарија есента ја блокира Северна Македонија поради несогласувањата за историјата и јазикот. Ветото на Бугарија ѝ наштети на Албанија, бидејќи членките на ЕУ го гледаат пристапувањето на Скопје и Тирана ’во пакет‘“, пишува во писмото упатено до Борел, а делови од него беа пренесени на порталот „Еуроактив“.
Деветтемина министри се осврнуваат и на досегашното однесување на Европската Унија во услови кога „пандемијата ги нагласи постојните трендови, вклучувајќи и геополитички импликации“, а тоа значи дека „други актери се подготвени да се вклучат во регионалните работи, често на наша штета, на ЕУ“.
„Додека ЕУ мобилизира големи суми за поддршка на регионот, другите актери ја презентираат својата помош многу поефикасно, со што се нарушуваат нашата сигурност, кредибилитет и перцепција на нашата солидарност“, се вели во писмото на деветте министри.
Ова е прво посилно и јавно обраќање на дел од членките на Европската Унија, по поставувањето на „забраната“ од Бугарија поради несогласување за историјата и јазикот, со што беше закочен и процесот на Македонија и на регионот за проширување на европската заедница кон Балканот.
„Ал џезира“ пишува дека недостигот од конкретен напредок во проширувањето им одговара на западноевропските земји, особено на Франција, чија јавност изрази сомневање во проширувањето на ЕУ, особено пред претстојното претседавање со Унијата во првата половина на 2022 година.
Хрватскиот шеф на дипломатијата во посебно соопштение за „Еуроактив“ нагласува дека сеопфатниот пристап кон регионот е значаен за кредибилитетот на ЕУ како најважен партнер на Западен Балкан. Официјален Загреб посебно се залага за помош на Босна и Херцеговина, заради подобрување на нејзиното функционирање и стабилност.
– Земјите од Западен Балкан се во различни фази на евроинтеграциите, но поентата е во тоа да им се дозволи да напредуваат и да се отворат преговорите. Сите знаеме дека тоа ќе биде долг и кривулест пат, но мораме да ги вклучиме во тој процес – изјави неименуван дипломат за „Еуроактив“.
Високите функционери во Брисел се надеваат на побрзо трансатлантско „ресетирање“ на регионот и преку поактивното вклучување на САД со новиот претседател Џо Бајден, со изградбата на заеднички став со ЕУ.
Еврокомесарот за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеи, од Економскиот форум што се одржува во Тирана, порача „Македонија да го одржува темпото на спроведување на реформите, но важно е брзо да се најдат заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања со Бугарија“.
Во однос на проширувањето на Унијата, Вархеи рече дека новата методологија во Унијата влијаела на нацрт-преговарачките рамки за Албанија и за Македонија, а земјите-членки сѐ уште не постигнале согласност и дека дискусиите продолжуваат.
Тој, како што рече во обраќањето, се надева дека првите меѓувладини конференции ќе се одржат што е можно поскоро, за време на португалското претседателство со Унијата. Тој потсети дека ЕУ ветила дека целиот регион на Западен Балкан ќе биде дел од Унијата, но и дека нивните партнери во регионот ветиле дека ќе испорачаат реформи за тоа да стане реалност.
– Очекуваме ЕУ да ги исполни ветувањата за Западен Балкан, додека ние го европеизираме општеството за да ги постигнеме стандардите за нашите граѓаните, кои природно се дел од европското семејство. Ние никогаш нема да си дозволиме да разговараме за она за што не може да се разговара. А тоа е кои сме, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик – изјави вчера македонскиот премиер Зоран Заев, на Тиранскиот економски форум.