Меѓу декларативните заложби на европските челници за продолжувањето на процесот на проширување (но без рокови или датуми) и видливата разочараност кај балканските лидери, единствени сигнали на оптимизам беа испратени од САД. Во нив отворено и без резерва ја поздравија Декларацијата на лидерите на Европската Унија од самитот ЕУ – Западен Балкан во Словенија и укажаа на важноста од продолжување на процесот на проширување на Унијата
Одгласи по самитот на Европската Унија за земјите од Западен Балкан
Словенечкиот самит на Европската Унија за земјите од Западен Балкан ги потврди сомневањата на граѓаните од регионот во однос на процесот на проширување, кој подолго време е закочен поради неподготвеноста на Брисел за прием на нови членки во европската заедница. Лидерите на ЕУ, со согласност на лидерите од Западен Балкан, на самитот во Брдо, кај Крањ, усвоија Декларација со која се „продолжи“ надежта кај балканските земји за интензивирање на заедничкиот ангажман за целокупната трансформација на регионот и придвижување на процесот на проширување. Меѓу декларативните заложби на европските челници за продолжувањето на процесот на проширување (но без рокови или датуми) и видливата разочараност кај балканските лидери, единствени сигнали на оптимизам беа испратени од САД. Притоа, Американците отворено и без резерва ја поздравија Декларацијата на лидерите на Европската Унија од самитот ЕУ – Западен Балкан во Словенија и укажаа на важноста од продолжување на процесот на проширување на Унијата. Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, изјави дека Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија „продолжуваат да покажуваат посветеност кон реформите“. „Клучно е вратите на Европската Унија да останат отворени за нив“, напиша Прајс на Твитер.
– Разединетоста на членките во Европската Унија за стратегиските прашања никогаш не била поголема и тешко е да се поверува дека може да се случи чудо во наредните девет години од аспект на проширувањето на Унијата. Поради постојните односи на силите внатре во ЕУ во дефинирањето на стратегиските политички одлуки, кои се носат на партикуларни и групни, наместо на заеднички интереси, на самитот во Брдо кај Крањ не се оствари замислата на словенечките домаќини на овој самит да се донесе историска одлука за колективен прием на сите шест земји од Западен Балкан – смета Зекеријах Смајиќ, долгогодишен дописник од Брисел.
Зекеријах Смајиќ дава и свои процени за евентуалното интегрирање на регионот кон ЕУ.
– Но за да се случи некаков исчекор, потребни се супстанцијални промени на двете страни. Европската Унија би морала да пронајде пат до сопствениот кредибилитет, а дури тогаш се можни утврдување на рокови за ново големо проширување, како што се случи со приемот на девет земји од Балтикот, Централна и од Источна Европа, плус јужните земји, како Кипар или Бугарија и Романија во 2007 година. Државите на Западен Балкан би морале да воспостават историска црта на разграничување меѓу минатото и иднината. Лидерите на балканските земји би морале да бидат искрени во своите надворешнополитички стратегии, а на регионален план нужно е да се воспостави силна политичка, економска, културна, спортска и секаква друга соработка. Само така кон ЕУ и процесот на интеграција е можно да се пристапи заеднички и со јасно дефинирани цели, барања и интереси – пишува Смајиќ во анализата објавена на „Ал џезира“.
– Во тој случај, САД од сопствени геостратегиски интереси ќе се обидат самостојно да ги „истиснат големите играчи“ од регионот. Во тој крајно неизвесен потфат САД се впуштаат сѐ подлабоко, немајќи време да ја почекаат Европа – заклучува Смајиќ.
Надворешнополитичкиот коментатор и дописник од Германија, Ненад Радичевиќ, посочува на промената на курсот на политиката на Германија по заминувањето на Ангела Меркел во политичка пензија, со што практично земјите од Западен Балкан се „паркирани“ на неопределено време на својот европски пат.
– Актуелните владејачки партии ЦДУ-ЦСУ и СПД, кои се традиционално заговорници на идејата за проширување на ЕУ, не се прославија во своите предизборни програми кога станува збор за проширувањето. Дури и во самата партија на Меркел надвладеа струјата што со скепса гледа на проширувањето, Во идната германска влада единствено зелените отворено и доследно се залагаат за продолжување на процесот на ширење на ЕУ на Балканот. Но кај некои е присутен стравот дека зелените ќе ги притиснат многуте земји од Западен Балкан, како Црна Гора, Србија или БиХ, поради нивната економска соработка со Кина и Русија. Тоа е очекувано ако се знае каков остар став имаат зелените кон Пекинг и Москва. Но за да можат со дипломатска тежина да притискаат на Белград, Подгорица или Бања Лука, ќе мора да издејствуваат Европската Унија многу повеќе да се заложи за финансирање на инфраструктурните проекти на Западен Балкан – смета Радичевиќ.
Валеска Еш од институтот „Аспен“ во Германија нагласува дека односот на ЕУ и нејзините членки кон Западен Балкан се сведува на дипломатски формулации и потпишување договори за намери, но во практика малку нешто се случува. Таа во разговор за „Дојче веле“ потсетува дека некои земји од ЕУ се скептични кон процесот на проширување, а во последно време кон нив се приклучуваат и другите членки, кои се незадоволни од реформските напори во регионот.
– За општиот сомнеж во ЕУ придонесоа и т.н. предводнички на процесот на проширување, Србија и Црна Гора, кои последните години повеќе назадуваа отколку што напредуваа на полето на демократијата и владеењето на правото, што е многу важно за членките на ЕУ – нагласува Еш.
Според нејзините очекувања, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, на турнејата на Западен Балкан требало да испрати искрени и јасни пораки, бидејќи, како што забележува Еш, „дипломатските формулации што не ја одразуваат политичката реалност во доволна мера не придонесуваат за довербата во општеството и го поткопуваат процесот на проширување“.