ХРВАТСКА
Министерот за труд и пензиски систем на Хрватска, Јосип Аладровиќ, деновиве најави дека во јуни ќе биде дефинирана мерката за скратено работно време, позната како „неработен петок“, чија суштина е државата да финансира еден работен ден доколку фирмата работи пет дена во неделата а има потреба од четири. Целта на оваа мерка е да се зачуваат работните места за време на економската криза предизвикана од епидемијата на коронавирусот. Прашање е дали со ова ќе се постигнат некои позначителни ефекти, поради големите последици што произлегоа од намалувањето на економските активности на стопанските субјекти што се најизложени за време на кризата, а беа принудени да ги намалат своите деловни активности.
На последниот состанок што бил одржан на владино ниво било дефинирано мерката „неработен петок“ да се однесува на фирмите што имаат најмалку десет вработени. Било прифатено и барањето на синдикатот оваа државна субвенција да важи и за претпријатијата во државна и во приватна сопственост, со исполнување на пропишаните услови. Главниот услов е стопанскиот субјект да прикаже квартален пад на физичкиот обем на работа од 20 отсто, во споредба со минатата година. Ова треба да биде поткрепено и со податоци за падот на нарачките и бројот на работните места, пишува „Јутарњи лист“.
Фирмите од преработувачката индустрија не мора да прикажуваат и пад на приходите за 20 отсто, а за нив е пресуден падот на физичкиот обем на работа.
Синдикатите добија поддршка за предлогот за потпишување договор за работа на скратено работно време, а во фирмите во кои нема синдикално организирање, работодавецот е задолжен да ги информира работниците за скратеното работно време преку договорена саатница. Доколу се користи оваа мерка, фирмите нема да можат да ја користат и бенефицијата од 4.000 куни поврзана со корона-кризата. Висината на помошта ќе биде до нето-износот на вредноста на работниот час по работник, пропорционално на неизвршените работни часови во текот на еден месец, а најмногу до 2.000 куни за еден месец.
Оваа мерка ќе се применува од крајот на јуни и ќе трае до крајот на годината.