Европа е најчестото одредиште за балканските криминални организации, а тоа го покажуваат и бројот на уапсените лица и количеството запленети наркотици. Специјалност за балканските групи е транспортот на дрогата, пред сѐ на кокаин, од Јужна Америка во Европа, а во илегалната мрежа се вклучени криминалните кланови од Црна Гора, но и од Албанија, Грција и од Србија
Европската комисија во поединечните годишни извештаи за напредокот на земјите од Западен Балкан, како клучни фактори за застојот на процесот на проширување ги наведува и селективната примена на правото и недоволната борба против корупцијата и организираниот криминал. Доколку се споредат извештаите за сите шест земји од регионот, послаби оцени во делот на спречувањето на криминалот и трговијата со наркотици се дадени за Црна Гора и за Косово. Така, Европската комисија во извештајот за Црна Гора, од октомври 2021 година, поизразено забележува за „постоење разгранета мрежа на организиран криминал“. Црна Гора постигнала одреден напредок во борбата против организираниот криминал со неколкуте акции за откривање на сторителите на кривичните дела, но меѓународниот шверц на дрога и убиствата што се поврзани со членови на клановите и натаму претставуваат типично обележје за црногорската криминална сцена, соопштија од ЕК.
Црна Гора, која има 625 илјади жители, има премал пазар за да ги задоволи „бизнис-интересите“ на криминалните групи, па затоа тие својот фокус го насочуваат и во земјите од Западен Балкан, но и во Западна и во Источна Европа. Европската комисија во својот извештај нотира и неколку покрупни случаи на откривање нелегална трговија на дрога, пред сѐ на кокаин, во кои учествувале припадници на црногорските наркокланови. Во соработка со странските полициски служби, осум тони кокаин биле запленети во водите на Венецуела на бродот „Ареса“ на 26 февруари 2020 година. Во акцијата биле уапсени повеќе црногорски државјани. Меѓународната операција била организирана во соработка со безбедносните служби на ЦГ, Велика Британија, Србија и Холандија. На Канарските Острови во полициска акција се запленети 400 килограми кокаин и 500 илјади евра, кои му припаѓале на мафијашкиот клан Шкаљари.
Минатата година, 42 члена на десет црногорски криминални групи биле уапсени во странство. Двајца водачи од главните групи во Црна Гора биле уапсени во Португалија. Бројот на убиствата во пресметката на криминалците е во постојан пораст. Во Црна Гора се случиле 13 убиства, а во некои од нив биле ликвидирани и припадници на српското подземје, односно од групите предводени од Вељко Беливук и Марко Миљковиќ, пренесува Радио Слободна Европа.
Пет убиства меѓу црногорските државјани, за кои постои сомневање дека биле вклучени во илегалните канали на транспорт на дрога, се случиле во странство, односно во Шпанија, Германија, Австрија и во Грција. Во јуни 2020 година, во Марабеља, Шпанија, е убиен Милош Перуничиќ, кој се поврзува со криминалниот клан од Бар. Во Атина биле ликвидирани Игор Дедовиќ и Стеван Стаматовиќ, кои припаѓале на Шкаљарскиот клан. На грчкиот остров Крф биле пронајдени тела на две лица, за кои се претпоставува дека се ликвидирани од ривалската група. Во Киев во Украина биле уапсени четири лица што се обиделе да го ликвидираат Радоје Звицер, кој е еден од наводните водачи на Кавачкиот клан.
Црногорските криминалните групи се само дел од пошироката балканска крими-мрежа што дејствува низ Европа. Криминалците од регионот најчесто дејствуваат во Белгија, Холандија, Шпанија и во Германија. Само во Шпанија дејствуваат околу 100 организирани криминални групи од Балканот. Балканските криминалци имаат добри и директни врски со клановите што го произведуваат кокаинот во Јужна Америка, се наведува во извештајот на Глобалната иницијатива за борба против организираниот криминал, која е невладина организација со седиште во Женева.
Европа е најчестото одредиште за балканските криминални организации, а тоа го покажуваат и бројот на уапсените лица и количеството запленети наркотици. Специјалност за балканските групи е транспортот на дрогата, пред сѐ на кокаин, од Јужна Америка во Европа. Се проценува дека една третина од дрогата во Холандија пристигнува преку босанско-српските канали. Балканот останува да биде транзитен регион за трговијата со дрога, пред сѐ преку пристаништата во Албанија, Црна Гора, Грција, Хрватска и во Словенија.
Во неодамнешниот разговор за РСЕ, Саша Ѓорѓевиќ од Глобалната иницијатива за борба против транснационалниот организиран криминал, кој е координатор за Србија и за Црна Гора, изјави дека „засега нема сознанија дека криминалните организации од Балканот произведуваат кокаин“. Но затоа со сигурност се знае за нивната улога во затворањето на трговијата со дрога. Балканските групи набавуваат кокаин од латиноамериканските картели, па потоа ги транспортираат во Европа, а тоа го работат и најдобро.
Моментално не може да се говори за единствен балкански картел, односно сојуз со криминални организации со цврста хиерархија и истакнат лидер, чии членови се со потекло од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Грција, Хрватска, Романија, Македонија, Србија и Косово. Според сознанијата на Саша Ѓорѓевиќ, балканското криминално подземје е мешавина на етнички ограничени криминални организации, кои се организирани преку режимот на ќелии и така создаваат криминална мрежа. Кај балканските криминални организации врските настануваат врз основа на заедничкиот јазик и националност. Така, постојат криминални организации во кои доминираат поединци од албанското говорно подрачје и подрачјата на српско-хрватскиот јазик од поранешна Југославија.