Ваквата слика во главниот град на Хрватска е одраз на начинот на живот за време на пандемијата или, како што се забележува во истражувањето, 61 отсто од учениците биле барем еднаш во самоизолација

ХРВАТСКА

Пандемијата и земјотресот оставиле траги во психата на повеќето деца во Загреб. Десет отсто од децата се „засилено“ депресивни или анксиозни, а околу 15 отсто покажуваат значајно ниво на посттрауматски стрес. Три четвртини од децата се загрижени поради онлајн наставата и можните проблеми за запишување во повисоко одделение. Околу 60 отсто чувствуваат социјална анксиозност, половината доживуваат моменти на тага и празнина, или се загрижени за здравјето на членови од нивното семејство. Околу 40 отсто имаат страв да поминуваат мигови сами дома. Ова се резултатите од најголемото истражување за менталното здравје на децата во главниот град на Хрватска, кое е спроведено на 22 илјади ученици од основно и средно образование.
Ваквата слика е одраз на начинот на живот за време на пандемијата или, како што се забележува во истражувањето, 61 отсто од учениците биле барем еднаш во самоизолација. Единаесет отсто заболеле од ковид-19, а 22 отсто имале болен член во нивното семејство, додека 81 дете загубиле некој близок член од семејството. Во однос на земјотресот, 82 отсто од децата имале искуство од доживувањето од силен потрес, а половина процент од децата станале бездомници, поради разурнатите домови.

– Две илјади деца добиле засилена анксиозност или депресивност, а кај три илјади е забележано засилено ниво на посттрауматски стрес. Високото ниво подразбира дека тоа е невообичаено за нивната возраст. Околу половина од децата некогаш доживеале тешкотии во концентрацијата, емоционална чувствителност, плашливост, некои прераскажуваат слики од трауматски настани или избегнуваат да се присетат на непријатни настани – изјави Гордана Буљан Фландер, раководителка на Поликлиниката за заштита на деца и млади од Град Загреб.
Вршителката на должноста градоначалник на Загреб, Јелена Павичиќ Вукичевиќ, вели дека се свесни дека родителите во ваква состојба не можат да им дадат соодветна психолошка помош на децата, бидејќи се и самите трауматизирани од пандемијата и земјотресот. Посебно внимание ѝ се посветува на работата со децата во предучилишните установи и градинките. Вториот чекор е вклучување на стручњаците од здравство и од системот на социјални грижи.

Повеќе од 400 стручни соработници од двесте загрепски основни и средни училишта стекнале дополнителна едукација за работа со децата што се трауматизирани од сегашната состојба во земјата. Градот во соработка со здравствените институции спроведе истражување во врска со тезата дека асимптоматските заразени деца се потенцијално одговорни за заболените или починати баби и дедовци од ковид-19, што дополнително може да ги трауматизира децата.
Истражувањето покажа дека кај учениците од основните училишта само еден отсто биле асимптоматски заразени, а кај средношколците 2,2 отсто. Значи тоа е мал процент на асимптоматска зараза и апелираме да се заштитат нашите деца од таков вид страв и изнесување неаргументирани ставови дека тие се најопасни за нивните најблиски, пренесува Радио Слободна Европа.