Повеќе пратеници од Европскиот парламент предупредија на нехуманиот третман над мигрантите, кои се заглавени на надворешните граници на Европската Унија, и побараа да се испитаат случаите на насилство од пограничните служби на Хрватска, Полска, Грција и на Романија, поради повреда на човековите права на бегалците
Зачестени критики за бруталноста на некои погранични служби за третманот кон бегалците
Меѓу пратениците во Европскиот парламент постои длабока поделеност околу политиката што се спроведува за заштита на надворешните граници на Европската Унија од приливот на нови мигранти. Група европратеници од левиот политички блок отворено посочија на нехуманиот третман на европските граничари кон мигрантите, кои се движат низ балканската траса и преку Босна и Херцеговина и Србија се обидуваат илегално да преминат на хрватска територија. Во исто време, од Министерството за надворешни работи на Унгарија објавија информација дека бројот на мигранти што се обидуваат илегално да влезат во ЕУ преку Западен Балкан се зголемува и оваа година надмина 82.000.
Министерот Петер Сијарто на конференцијата за миграции во Виена истакна дека пред шест години ЕУ остро ја критикуваше Унгарија за подигнувањето ограда на јужната граница на земјата, а некои критичари ја нарекоа Унгарија „најтемниот диктаторски режим на 20 век“.
– Сега истите тие земји ги фалат другите држави што подигнаа ограда за одбрана на надворешните граници на ЕУ – вели шефот на унгарската дипломатија.
Наспроти ставот на Унгарија застанаа група европратеници што се залагаат за „заштита на надворешните граници на Европската Унија, но без насилство и со почитување на човековите права“.
– Насилството на нашите граници никогаш не било прифатливо, особено ако е структурирано и организирано. Мораме да ги заштитиме надворешните граници на ЕУ, а истовремено да се зачуваат и човековите права. Можно е да се направи и едното и другото – порача Јива Јохансон, повереник за внатрешни работи во расправата во Европскиот парламент.
Во изминатиот месец повеќе европски медиуми објавија снимки за присилно враќање на мигрантите од Хрватска во Босна и Херцеговина. Слични снимки за присилно враќање на бегалците се појавија и од Романија и од Грција. Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ, под притисок на јавноста, призна дека на снимките се маскирани хрватски полицајци, а тројца од нив подоцна биле суспендирани.
Анже Логар, министерот за внатрешни работи на Словенија, која претседава со Европската Унија, нагласува дека „ефикасноста за контрола на надворешните граници е клучна за спречување безбедносни ризици, незаконско преминување на границите и можноста за мигрантскиот притисок“.
– Мораме да ги употребите сите алатки за да следиме кој влегува во ЕУ, а присилното враќање не смее да биде дозволено на територијата на Унијата – изјавил Логар.
Холандската пратеничка од пратеничката група на либералите Софи инт Велд упати уште пожестоки критики и рече „додека ЕУ е најмногу загрижена за заштита на границите и шенген, за тоа време децата мигранти се смрзнуваат и умираат на границата со Европа“.
Германската социјалдемократка Биргит Сипел забележа дека на надворешните граници се одвива „систематски напад на човековите права“, а снимките на хрватската, романската и на грчката граница се „скандал за Европската Унија“.
Сипел, која е координаторка на одборот за граѓански слободи, правосудство и внатрешни работи, заедно со колешките од социјалдемократскиот клуб, испрати писмо до претседателката на Европската комисија, во кое изразува загриженост поради „систематскиот пристап за враќање на ранливите лица, најчесто и со насилство“, пренесува „Ал џезира“.
– Загрижувачки е што најновите истраги укажуваат на тоа дека делови од материјалот што се користени за присилно враќање, изгледа се плаќани со пари од ЕУ. Тоа се околу 177 милиони евра што се одобрени за Хрватска за управување со миграцијата од 2014 година до денеска – се наведува во писмото.
Пратеничките нагласуваат дека не е доволно само да се побара од државите-членки да се испитаат случаите на присилно враќање, туку е потребно да се поведе и постапка против Полска, Грција и Хрватска поради повреда на правата на Европската Унија.
Но од друга страна, претставниците на десницата го критизираа мекиот став на Европската комисија и се заложија за поставување бодликава жица на надворешните граници.
Европратеникот Карло Реслер побара постигнување итен заеднички договор со кој политиката на спречување на незаконската миграција нема никаква алтернатива.
– Сепак, сосема е јасно дека во уредена Европа нема место за насилство над мигрантите, а секое поединечно кршење на човековите права, особено на оние најранливите е целосно неприфатливо. Хрватска со модернизирана полиција и без подигнување бодликави жици ја врши својата правна обврска и должност за заштита на државните и европските граници – изјави европратеникот од ХДЗ.
Радио Слободна Европа во континуитет објавува прилози за нехуманите услови за живот на бегалците, кои се наоѓаат во импровизираните кампови по должината на границата меѓу Босна и Херцеговина и Хрватска, во близината на Велика Кладуша.
Судбината на стотината бегалци, претежно од Авганистан, е неизвесна. Според податоците на Министерството за безбедност на БиХ, во трите прифатни центри во Унско-санскиот кантон, Липа, Бориќи и Мирал, моментално се сместени 1.200 мигранти, а во двата прифатни центра во Сараево се наоѓаат околу 1.800 луѓе. Неодреден број луѓе се во движење и се надвор од официјалната евиденција за бројот на мигранти во БиХ.