Додека илјадници антиамерикански демонстранти во Атина протестираа против неговата посета, американскиот државен секретар, Мајк Помпео, денеска зборуваше за важноста на потпишувањето на договорот за одбрана меѓу двете земји и како Грција може да биде „столб на стабилноста за регионот“.
Илјадници демонстранти извикуваа: „Помпео оди си дома!“ пред грчкиот парламент, додека центарот на градот Атина беше затворен за сообраќај, со силно полициско присуство.
– Грција може да игра важна стратешка улога во регионот и може да биде столб на стабилноста – рече Помпео, кој се состана со премиерот Киријакос Мицотакис.
Грчкиот премиер зборуваше за напнатата ситуација во источниот Медитеран, каде Кипар, островска членка на ЕУ, ја обвинува Турција за спроведување нелегални операции за дупчење во морето во потрага по природен гас.
– Кипар повика на примена на меѓународното право и јас го поздравувам позитивниот придонес на Соединетите Американски Држави во создавање на попродуктивна клима во регионот – рече Мицотакис.
Европската унија во неколку наврати го осудуваше илегалното бушење од страна на Турција кај Кипар, а Анкара оваа недела испрати брод „Јавуз“ во ексклузивната поморска економска зона на Кипар, каде оперативни дозволи за работа имаат францускиот и италијанскиот енергетски гигант „Тотал“ и „Ени“.
Посетата на Грција е последна од турнејата на Помпео. Тој претходно ги посети Италија, Црна Гора и Македонија.