Со порастот на вонбрачно родените деца, расте и бројот на вонбрачни заедници во кои се раѓаат деца
Родителите на секое петто дете родено во 2017 година во Хрватска не биле венчани, што е двапати повеќе од пред петнаесет години, кога учеството на децата родени во вонбрачната заедница било помало од десет отсто. Паралелно со порастот на вонбрачно родените деца, расте и бројот на вонбрачни заедници во кои се раѓаат деца, а мошне мал е порастот на учеството на самохраните мајки. Бројот на граѓанските бракови пораснал во споредба со бројот на браковите склучени во црква, пишува „Јутарњи лист“.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во текот на 2017 година бројот на граѓански и на црковни бракови е речиси изедначен. Во мала предност се црковните бракови со учество од 51,6 отсто. Пред десет години, верските брачни заедници беа двапати повеќе и учествуваа со две третини во вкупниот број бракови. Во шест жупании во 2017 година бројот на брачните заедници регистрирани пред матичар биле во мнозинство. Ваквата состојба со години е во Приморско-горанската, во Истарската жупанија, во градот Загреб, во Вировитичко-подравската, Бјеловарско-билогорската и Сисачко-мославичката жупанија.
Верските бракови преовладуваат во помалите средини, додека од 127 града во Хрватска, во 58 градски средини „доминирале“ граѓанските бракови.
За ланската година нема конечни податоци за видот на брачните заедници. Меѓутоа, според податоците на Министерството за управа, во првите осум месеци од 2018 година, граѓанските бракови биле почести од црковните, во однос 6.545 граѓански наспроти 6.168 црковни бракови.
Што се однесува на разводите, нивниот број веќе петта година едноподруго е над 6.000, иако бројот на склучени бракови е во опаѓање. Во последните десет години стапката на разводот на 1.000 склучени бракови порасна за 50 отсто, односно од 207 на 309. Во речиси 40 отсто од браковите што завршиле со развод во 2017 година немало издржувани деца. Во неуспешните бракови во кои имало деца, во 84 отсто од случаите децата продолжиле да живеат со мајката. Во 11 отсто децата им биле доделени на татковците, а во 4,6 отсто случаи децата им биле доделени на грижа на двата родитела.