Српската премиерка Ана Брнабиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ во Њујорк на маргините на заседанието на Генералното собрание на Светската организација, се сретнаа со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Како што соопшти српската Влада, Гутереш во разговорот истакнал дека „за Обединетите нации, Косово не е држава“, дадавјќи дека ОН ќе го подржат можниот договор на Белград и Приштина за Косово.

Брнабиќ на средбата истакнала дека „Србија е посветена на наоѓањето на решение за Косово и дека Белград не сака замрзнат конфликт“, додавајќи дека српскиот претседателот Александар Вучиќ го предводи дијалогот со Приштина, а шефот на дипломатијата Дачиќ активно работи на светот да му пренесе порака „што се Србија има направено на ова поле“.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, српската премиерка ја потенцирала и потребата од поактивна улога на ОН во меѓународните односи и интересот на Србија „УНМИК да остане во Косово во несмален обем и без промена на мандатот“, што било потврдено од Гутереш.

Брнабиќ синоќа имаше обраќање на дебатата на 73-то заседание на Генералното собрание на ОН, при што, меѓу останатото, нагласи дека „Србија ќе остане приврзана на пронаоѓањето компромис, колку и да е тежок и понекогаш безнадежен дијалогот со Приштина“, додавајќи дека за напредок во дијалогот е потребна подршка на меѓународната заедница.

Според неа, Србија ќе инсистира на примена на Бриселскиот договор и воспоставување на Заедницата на српски општини, додавајќи дека „и понатаму ќе биде толерантна и трпелива“.

– Стратешка цел на Србија е зачленувањето во ЕУ, како и регионалната соработка и стабилност, рече Брнабиќ во својот говор. 


Тачи: Нема план Б за членството во ЕУ и НАТО

За Приштина не постои алтернатива за членство во ЕУ и НАТО, изјави косовскиот претседател Хашим Тачи и додаде дека план Б ниту постои, ниту се бара.

Во авторски текст за „Фајненшл Тајмс“ тој наведе дека додека Белград и Приштина не ги решат своите разлики, нема да дојде до членство во ЕУ, поради што е многу важно да се постигне правно обврзувачки договор со Србија.

Според него, постои голема можност други да ја искористат предноста на моменталниот вакуум, поради што тој и претседателот на Србија Александар Вучиќ повторно се ангажирале за да најдат „активни и креативни решенија“ кои ќе донесат праведен и конечен договор.

– Потребно ни е трајно решение кое ги покрива постоечките разлики и можните точки на идните судири. Нема да прифатиме привремени договори или продолжување на статус кво, рече Тачи.

Како една од областите на судир, тој ја означи границата меѓу Србија и Косово за која, како што вели, многу се пишувало во претходниот период и вели дека корекција на границите не може да се заснова врз принцип на етничка поделба.

– Не сакаме да ги разделуваме нашите два народи. Непотребно е да кажеме дека секој конечен договор мора да биде зацврстен со гаранции од ковано железо за континуирана заштита на правата на сите заедници кои ќе останат во нашите земји, вклучувајќи ја и заштитата на верските објекти, напиша Тачи.

Тој додаде и дека не се бара создавање услови за измена на границите каде било во регионот, како на пример границата со Албанија, и покрај тоа што некои зборуваат за такво нешто.

– Косово никогаш не било преседан. Тоа ќе остане случај суи генерис, вели Тачи.