Под слоганот „Присутна“, илјадници граѓани, припадници и поддржувачи на ЛГБТ-заедницата, претставници на политички партии и на дипломатските претставништва во Грција, маршираа низ улиците на Атина на 14-та традиционална Парада на гордоста.
Во боите на виножитото беше обоен центарот на Атина, а првпат оваа година и грчкиот парламент ја поддржа парадата и еден дел од објектот беше осветлен со знамето симбол на ЛГБТ.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, организаторите велат дека оваа година парадата била доста масовна, а вторпат, централниот настан беше пред парламентот.
Изгласаните закони за склучување граѓански договор за соживот на истополови парови и можноста за промена на полот во личните карти без операција се позитивните чекори што се направени во Грција за подобрување на ситуацијата и правата на ЛГБТ-заедницата, велат учесниците на парадата.
Со свои штандови, парадата ја поддржаа голем дел од грчките политички партии, меѓу кои и владејачката СИРИЗА, додека, пак, на присутните, пред официјалниот почеток на парадата, им се обрати владиниот портпарол и министер без ресор на Грција, Димитрис Ѕанакопулос, кој рече дека за него е големо задоволство што првпат, грчката влада е „присутна“ на парадата.
Освен политичките партии, Парадата на гордоста доби поддршка и од претседателот на грчкиот парламент, но и од 32 странски дипломатски претставништва во Грција.
Анархисти дивееле пред Министерството за цивилна заштита
Околу 20 члена на анархистичката група „Рубикон“, вчераутро, се обидоа да влезат во Министерството за цивилна заштита на Грција.
Полициското обезбедување ги спречи да ја поминат главната порта и да влезат, а според грчките медиуми, приведени се неколку лица.
Членовите на „Рубикон“ фрлиле летоци и извикувале слогани за поддршка на Димитрис Куфодинас, првиот човек на терористичката организација „17 ноември“, кој на 31 мај почна штрајк со глад во атинскиот затвор „Коридалос“, бидејќи не му беше одобрена дозвола за 48-часовен излез од затворот.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, членовите на „Рубикон“, преку соопштение објавено на анархистички сајт, велат дека тие стојат зад обидот за влез во Министерството, а во долгиот и опширен текст ги објаснуваат причините за нивната, како што велат „интервенција“. Наедно, повикуваат на масовно учество на утрешниот протест пред судот во Атина, за време на судењето на 12 нивни членови за низа упади и напади.