Гневни и шокирани, Грците се соочуваат со последиците од разорните пожари, подготвувајќи се за нови кризи, наведува „Политико“. Од почетокот на месецов, повеќе од 1,2 милиони хектари земјиште беа изгорени во Грција, страдаа илјадници животни, а стотици куќи и локални бизниси уништени. Најпогоден беше вториот најголем грчки остров Евија.
– Уништувањето е пострашно од она што се случи за време на нацистичката инвазија во 40-те години – вели Тодорис Керис, претставникот на локалните власти на Евија.
Но тој смета дека досега не е завршен најтешкиот дел од кризата, истакнувајќи ги обемните задачи кои допрва претстојат – завршување на одбраната од поплавите во пресрет на есенските дождови, обезбедување засолниште за стотиците раселени лица, обнова на уништеното земјиште и обезбедување на храна за животните, откако останале без посевите. А остануваат отворени и прашањата за иднината на фармерите, пчеларите и на туристичките работници.
– Грција и претходно се соочуваше со разорни пожари, особено во 2007 и во 2018 година, по што се јавија апели за промени и беа понудени планови за реформи. Беа собрани и пари за погодените, но се смета дека всушност не дошло до значителни промени. Грција се соочува со несигурност поврзана со способноста на владата да учи од нејзините грешки, како и поради климатската криза и судбината на економијата, веќе погодена од пандемијата и годините исполнети со мерки за штедење – наведува „Политико“.
Грчката влада вети дека ќе обнови сѐ што е уништено во пожарите, вклучувајќи ги домовите, бизнисите и шумите. За таа цел објавен е итен пакет за финансиска помош вреден 500 милиони евра. Мицотакис нагласи и дека во Грција ќе стигнат фондови преку пакетот на ЕУ за закрепнување од пандемијата.