Медиумите во Србија објавија дека Александар Вучиќ по изборната победа ќе излезе со сосема нов министерски состав, а се појавија и информации дека и сегашната премиерка Ана Брнабиќ ќе биде зафатена од големата чистка
Претседателот на Србија Александар Вучиќ, кој е и претседател на Српската напредна партија, од 29 декември најави почеток на голема чистка на раководни функционери, кои се на високи партиски и државни позиции. Првата фаза од проветрувањето во СНС ќе започне на седницата на главниот одбор на партијата, а ќе продолжи по парламентарните избори, доколку напредњаците повторно формираат влада. Медиумите во Србија објавија дека Вучиќ по изборната победа ќе излезе со сосема нов министерски состав. Веќе се појавија и информации дека ни сегашната премиерка Ана Брнабиќ нема да ја преживее големата генерална смена на високи функционери.
– Има луѓе што не ја заслужуваат ни мојата ни довербата на граѓаните на Србија. Има многу случаи во кои гледам неработа и распуштеност. Многупати говорев за недозволената употреба на ротациски светла на службените автомобили, но во партијата има такви на кои тоа им е статусен симбол. На локално ниво добивам информации за разни злоупотреби на одредени функционери. Го повикувам обвинителот да ја работат својата работа, но ние ќе ги избркаме и од партијата во која припаѓам – изјави Вучиќ.
Според информациите на „Новости“, во новата влада на СНС, од актуелните министри, можно е да остане само еден. Партиски извори брифираат дека лидерот Александар Вучиќ не сака да дозволи многу од носителите на раководни функции да се влечат на популарноста што тој ја има кај граѓаните, а тие со ништо да не придонесуваат за зачувување на партискиот рејтинг, што е многу понизок од оној на претседателот на Србија.
Аналитичарот Драгомир Анѓелковиќ вели дека Александар Вучиќ е свесен за неговата клучна улога во партијата.
– Многумина во партијата се однесуваат како тој да е громобран зад кој се кријат. Очекувам промена на функционерите од локално до државно ниво – изјави Анѓелковиќ, за „Новости“.
Во партијата се подготвуваат за подмладување на раководните структури, а се предвидува 20 отсто од местата на изборните листи да бидат пополнети од членови на Академијата за млади лидери, која ја посетуваат 300 лица.
Весникот „Данас“ пишува дека меѓусебните односи на претседателот и премиерката се во надолна линија и дека нивната комуникација е намалена, како опомена за Брнабиќ да се разбуди од зачмаеноста по преземањето на функцијата.
– Таа ја одигра својата улога. Ана Брнабиќ му беше потребна на Вучиќ како геј-премиерка. Сега повеќе не му треба, особено кога таа има далеку понизок рејтинг од другите функционери. Вучиќ е незадоволен од нејзината неподготвеност, непоткованост и пелтечење на јавните настапи. Тоа е дисциплинска мерка за да се принуди Брнабиќ повеќе да се ангажира за добивање на вториот премиерски мандат. Уште повеќе што таа барала да замине за амбасадор во САД, што повеќе говори за неа – вели неименуван извор од СНС.
Најголема партија во Европа
Српската напредна партија е најголема партија во Европа според бројот на членови, е заклучокот од истражувањето на темата „Вклученоста на граѓаните на ЕУ и на Западен Балкан во политичките партии“, спроведено од Центарот за општествена стабилност од Нови Сад.
– СНС е најголема партија во апсолутни броеви, а не само со пропорционалниот однос на бројот на жители. Во неа членуваат 646.000 члена или 9,13 отсто од населението. Оваа партија има повеќе членови од големите партии во Германија, Шпанија, Италија, Франција, кои се многу постари од партијата на Вучиќ – вели Предраг Рајиќ, портпарол на Центарот за општествена стабилност.