Србија продолжува со реформите заради своите граѓани и нејзината иднина, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во Женева, каде што учествуваше на стратешкиот дијалог за Западен Балкан, во организација на Светскиот економски форум. Тој додаде дека не можел да добие одговор од претставниците на светските центри на политичката моќ на прашањето каква е иднината на регионот.
– На прашањето каква е нашата иднина, тие не беа во можност да одговорат – рече Вучиќ.
Српскиот претседател за понеделник најави нова средба со францускиот претседател, Емануел Макрон, во Париз, и рече дека ќе го праша кој може да влезе во ЕУ.
– Важно е ЕУ да одлучи за понатамошниот европски пат за земјите од Западен Балкан. Важно беше да се слушне од разни делови на Европа дека треба да се донесе некоја одлука во врска со нашиот регион. За мене беше многу важно в понеделник или во вторник да се сретнам со Макрон – рече српскиот претседател.
Вучиќ истакна дека треба да се донесе одлука за тоа кој може бргу да влезе во ЕУ, а кој не може, или дали може да се добие пристап до структурните фондови ако се затворат или отворат поглавјата, или за припадноста на единствениот економски пазар.
– Оној што не гледа дека сме ѝ потребни на ЕУ исто колку и таа нам, не ја разбира добро иднината на европската политика – рече претседателот на Србија.