Во седиштето на ОН во Њујорк, започна седницата на Советот за безбедност во врска со Косово, на која ставовите на Србија ги претставува министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, пренесе агенцијата „Танјуг“.
На седницата се разгледува извештајот на Генералниот секретар на ОН за работата на УНМИК за периодот од 16 мај до 15 септември годинава.
Дачиќ во своето излагање ќе даде преглед на извештајот на Генералниот секретар на ОН за работата на УНМИК во овој период, односно ќе ја изнесе оценката на Белград за моменталната состојба во Косово и Метохија и за работата на УНМИК.
Инаку, шефот на ОН, Антонио Гутереш, во неодамнешниот извештај за ситуацијата во Косово оцени дека долгата пауза во официјалните разговори меѓу Белград и Приштина, под покровителство на ЕУ, го стопирала напредокот кон нормализација на односите и претставува ризик за стабилноста.