Лицитирањето со датумот за парламентарните избори е дел од политичката игра меѓу партиите од власта и опозицијата за исполнувањето на условите за спроведување фер и демократски избори
Парламентарните, покраинските и локалните избори во Србија ќе бидат одржани во законски рок, на 26 април 2020 година, пишува „Политика“. Објавата за новиот датум за одржувањето на изборите доаѓа по молбата на премиерката Ана Брнабиќ упатена до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да го одложи гласањето до последниот законски рок. Претходно, во медиумите се пренесуваше информацијата дека општите избори ќе бидат одржани во март следната година. Сепак, конечната одлука ќе биде донесена на седницата на главниот одбор на Српската напредна партија, која ќе се одржи на 28 декември во Белград.
Лицитирањето со датумот за парламентарните избори е дел од политичката игра меѓу партиите од власта и опозицијата за исполнувањето на условите за спроведување фер и демократски избори. Од опозицискиот блок на партии, здружени во Сојузот за Србија, остануваат на ставот дека нема да учествуваат „во фингирани избори и ги поздравија напорите на европските парламентарци за тоа во Србија да се постигне компромис меѓу власта и опозицијата“.
– Граѓаните во Србија немаат причина да се согласат на помалку демократија, граѓански права и медиумски слободи од тоа што ќе имаат граѓаните од каде што доаѓаат европските парламентарци. Уште понеразумно би било да пристапат на помалку од тоа што го имале пред воспоставувањето на авторитарното владеење на Александар Вучиќ – истакнуваат од СЗС.
Ненад Чанак, претседателот на Лигата на социјалдемократите на Војводина, која дејствува опозициски во парламентот на Србија, се залага за учество на следните избори, но нагласи дека конечната одлука за тоа ќе ја донесе главниот одбор на партијата.
– Порано изборните услови, особено во 2000 година, биле многу полоши. Некогаш беа убивани новинари и политички претставници, но се прашувам која е алтернативата доколку не се излезе на избори. Можевме да не одиме на избори во 2000 година, но тогаш Слободан Милошевиќ уште би владеел – изјави Чанак.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, во вчерашниот авторски текст за бриселскиот портал „Еуроактив“ напиша дека за фер избори е потребно учество на сите актери за да ја претстават својата програма и на тој начин да им дадат на граѓаните можност за вистински избор. Во своите претходни настапи Брнабиќ изјави дека Владата на Србија континуирано работи на подобрување на изборните услови од 2016 година, откако сѐ почна со прочистување на избирачкиот список.
– Изборните услови не ги менуваме затоа што тоа го сака опозицијата или поради Европската Унија, туку затоа што сакаме Србија да биде европска, модерна, силна и напредна држава – изјави Брнабиќ.
Власта го прифати дијалогот за изборните услови со опозицијата, со посредство на Европскиот парламент, што беа предложени од Сојузот за Србија, а потоа дел од опозицијата одлучи да го бојкотира дијалогот. По две рунди од дијалогот биле прифатени 17 препораки за подобрување на изборните услови, од нив повеќе од 70 отсто се исполнети, а другите се во фаза на имплементација, појаснува таа.