Балканските земји изминатиот период бележат значителен раст во цените на нафтените деривати, а медиумите во своите извештаи наведуваат дека новите цени на горивата во регионот ги поттикнаа и стравувањата дека тие ќе резултираат со поскапување и на другите производи и услуги, како и на храната
Бран на зголемување на цените на нафтените деривати во регионот
Недостигот од струја и бранот на поскапување на фосилните горива, како проблеми што ги загрижуваат државите на глобално ниво, од неодамна се присутни и во регионот. Балканските земји изминатиот период бележат значителен раст во цените на нафтените деривати, а медиумите во своите извештаи наведуваат дека новите цени на горивата во регионот ги поттикнаа и стравувањата дека тие ќе резултираат со поскапување и на другите производи и услуги, како и на храната.
Имено, како што пишува балканскиот сервис на Ал џезира, по релативното долго затишје, зголемувањата на цените на горивата во Хрватска изминатиот период предизвикаа и нов бран инфлација во земјата.
Според медиумот, граѓаните на Хрватска во времето од почетокот на пандемијата за еден литар бензин еуросупер 95 плаќаа 7,90 куни (1,05 евро), а сега тие издвојуваат значително повеќе, па за еден литар гориво од истиот тип плаќаат околу11 куни или (1,47 евро).
Оваа цена е највисока што е забележана на бензинските пумпи во Хрватска уште од 2014 година и ќе им зададе удар на транспортерите во земјата, а тоа директно ќе се одрази и на производствените трошоци и во другите сфери.
Тин Бачиќ, основач на порталот „Цени на горива инфо“ од Загреб, кој систематски го следи движењето на цените на нафтените деривати во Хрватска и во светот, забележува дека сегашниот тренд на пораст на цената на фосилните горива има свои причини.
– Причина за економската криза во 2007 и 2008 година беше колапсот на финансиските пазари, кој беше предизвикан од пукање на „балонот на недвижности“ во САД. Сега, иако именителот е различен, имаме криза од пандемијата, која ги урна и ги закочи економиите како во светот така и во регионот. Бавното излегување на државите од економските „спреги“ на „вирусот“ придонесе за зголемена понуда и побарувачка на стоки и услуги, што се рефлектира директно и врз зголемувањето на цените на нафтените деривати. Колку ќе трае ова, но и до каде ќе одат поскапувањата, никој не знае и сѐ уште е рано да се анализира – оценува Бачиќ.
Во меѓувреме, на истава тема српски „Блиц“ пишува дека бензините се поскапи и во Србија, но и во соседна Босна и Херцеговина.
– Бензините на пумпите низ Србија периодов во споредба со истиот период од минатата година се за 5-7 динари поскапи. Иако тие се пониски во однос на Хрватска, бидејќи Србија има помал удел во данокот, но и акцизите, сепак нивното поскапување предизвикува минимален раст на услугите и производите – наведува српскиот весник.
Истовремено, и БиХ бележи покачување на цените на нафтените деривати во земјата. Според тамошните медиуми, цените на горивата се зголемиле од почетокот на годината досега.
Како што наведува босанската регулаторна комисија, во земјата има раст кај бензинот во споредба со минатата година. Еден литар еуросупер 95 во БиХ во моментов изнесува 2,29 конвертибилни марки (1,21 евро), што е зголемување во однос на истиот период од лани, кога еден литар еуросупер 95 во земјата чинел 2,13 конвертабилни марки или (1,17 евро).