Бугарската влада побара од земјите-членки на Европската Унија да ѝ помогнат да се справи со актуелната криза со коронавирусот. Портпаролот на Европската комисија потврди дека Бугарија го активирала механизмот за цивилна заштита на ЕУ, додавајќи дека ѝ недостига медицинска опрема, како маски за кислород и болнички кревети.
Овој механизам има цел да ја засили соработката на полето на цивилната заштита и да ги подобри превенцијата и одговорот на катастрофи и земјите преку него можат да побараат помош од други членки. Во механизмот учествуваат и држави што не се членки на ЕУ, како Македонија, Исланд, Норвешка и Турција.
Бугарија се соочува со силен бран на пандемијата. Во изминатите 24 часа, Бугарија регистрира 3.853 нови случаи на коронавирусот, како и 199 починати. Во болниците лежат речиси 8.400 пациенти со ковид-19.
Капацитетот на болниците го достигнува својот максимум, а седумдневната стапка изнесува 415 новозаразени на 100.000 жители. Бугарија има најлошата стапка на вакцинација во ЕУ, со само 24 отсто од населението што е целосно вакцинирано.