Загрижувачки тренд покажа истражувањето на здружението „Транспарентност без граници“, посветено на јавното мислење во однос на спречувањето на корупцијата во Бугарија.
Околу 41 отсто од Бугарите нема да пријават дали биле сведоци или учествувале во корупциски дејства заради остварување некое право. Објаснувањето за недостигот од подготвеност кај граѓаните да се вклучат лично во борбата против корупцијата е во ниската доверба во институциите што имаат обврска за одвраќање на негативниот феномен, информира „Сега“.
За изработувачите на истражувањето не беа изненадувачки одговорите на анкетираните лица дека во случај на постоење на корупција, прво би се обратиле до медиумите. Секој четврти граѓанин на Бугарија ќе побара помош од новинари ако се најде во слична ситуација, секој петти би поднел пријава во полицијата, а 13,5 отсто до новата комисија за спречување на корупцијата и одземање нелегално стекнат имот. Десет отсто од граѓаните би се обратиле до обвинителството или до надзорниот орган во институција во која е идентификуван обид за корупција. Само 4,8 отсто ќе побараат помош од невладина организација.
– Основна недоверба кон институциите јасно се рефлектира во добиените одговори и тоа е поврзано со страв од последици за личната безбедност или за бизнисот – вели извршниот директор на асоцијацијата Калин Славов, цитиран од БНР.
Иако и кревка, поддршката за новата антикорупциска комисија е слична со онаа на традиционални институции како обвинителството и МВР.
– Мнозинството од испитаниците очекуваат истрагата да стане поактивна и поефикасна – рече Савов.
Анкетираните лица на прво место очекуваат да се испита корупцијата на највисоко политичко ниво, а потоа во локалната власт, како и тоа процесот да се одвива непристрасно и еднакво за сите, во согласност на законските прописи.