Потпретседателот на Владата и претседател на Бошњачката партија, Рафет Хусовиќ, побара на грбот на црногорското државно знаме да се постави и полумесечината.
– Сметам дека ова барање за измена на државните симболи е оправдано и легитимно барање на Бошњачката партија. Оваа иницијатива е израз на поддршка на нашите избирачи и неа не ја испраќаме кон политичките партии туку кон модерната и граѓанска Црна Гора. Ова претставува и проверка за свеста на граѓаните и доказ за тоа дали сме созреале како мултиетничко општество. Моето мислење е дека сме созреале и ова е вистинскиот момент да го покажеме тоа, со целосно согласување за ова прашање – изјави Хусовиќ, како одговор на пратеничкото прашање од Милан Кнежевиќ од Демократскиот фронт.
Според Хусовиќ, Уставот на Црна Гора не ја определува Црна Гора како христијанска и православна држава, туку како граѓанска, повеќенационална и земја со повеќе религии, во која правата на сите народи се еднакви.
– Во Уставот не се споменуваат верските обележја што ги имаме на сегашниот грб. Сметаме дека со додавањето на полумесечината, која е симбол на исламот, испраќаме јасна порака дека сме созреани како општество, а денешна Црна Гора е израз на европските вредности – порача Хусовиќ.
Бошњачката партија во својата програма го има дефинирано прашањето за промена на државните симболи и е содржана во сите конгресни документи. Од партијата сакаат да се постигне општествен консензус за прифаќање на овој предлог и затоа не било наметнато кога со гласовите на пратениците од БП одлучуваат за формирање на новата власт во Црна Гора.