Премиерите на Бугарија и на Грција, Бојко Борисов и Алексис Ципрас, вчера во селото Кирково во реонот на јужниот бугарски град Крџали, присуствуваа на почетокот на изградбата на интерконекторот за природен гас меѓу двете земји (ИГБ).
Дипломатски извори за грчката новинска агенција АНА-МПА изјавиле дека Грција работи на сите инфраструктурни проекти, кои ќе обезбедат услови за безбедно енергетско снабдување во Југоисточна Европа и Источниот Медитеран и ги спомнуваат гасоводите ТАП и Ист-Мед, како проекти што „ја зајакнуваат енергетската безбедност во регионот, како и економската и геополитичката улога на Грција“.
Интерконекторот ИГБ, кој е компонента на Трансјадранскиот гасовод (ТАП), ќе биде со должина од 182 километри и ќе ги поврзе грчкиот национален систем за пренос на гас во областа на Комотини, со бугарскиот национален систем за гас во Стара Загора.
ИГБ се гради врз основа на меморандумот за разбирање меѓу Грција и Бугарија потпишан во 2009 година.