Зад новите закани на косовскиот премиер Рамуш Харадинај за воведување нови мерки против Србија стои можноста за укинување на платниот промет на северот на Косово, забрана за влез на возила со српски таблички и забрана за министрите и функционерите да ја преминат административната гранична линија, пишува белградскиот весник „Вечерње новости“.
По воведување на царинската блокада за српските производи, новите мерки на Приштина дополнително би го влошиле слободното движење на Србите, како и егзистенцијата на дел од граѓаните што се вработени во институциите што се во системот на Србија и кои примаат плата преку српските банки што функционираат на Косово. Тоа се лекарите, професорите и вработените во привремените органи.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска најави дека Приштина, покрај таксите од 100 отсто на производите од Србија, може да преземе и уште полоши мерки.
Тој во интервју за албанската телевизија А2 истакна дека постојат и други акции што можат да се спроведат а кои не се поврзани со тарифи.
– Ќе видите какви, кога ќе се случат – нагласи Харадинај, без да прецизира за што станува збор.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во неделата изјави дека со голема доза страв ги очекуваат најавените мерки од Приштина.
– Ова лудило станува бесконечно, а за тоа во еден дел е виновна и меѓународната заедница. Харадинај ги гледа работите краткорочно. За нас е важно да покажеме силно и мирно спротивставување на таквите мерки. Ќе одговориме соодветно во зависност од мерките – изјави Вучиќ.