Сите земји од Западен Балкан во 2019-та бележат пораст во расходите за воениот сектор, но највисок воен буџет има Србија, која ја престигна Хрватска
Буџетските средства наменети за вооружување во Србија во 2019 година се зголемиле за 43 отсто во однос на претходната година и се најголеми во споредба со другите земји од Западен Балкан. Во Србија воената потрошувачка лани, според процените на СИПРИ, изнесувала 1,14 милијарда долари, што во однос на 2018 година е зголемување за 326 милиони долари, покажуваат најновите податоци на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот, како што пренесе Радио Слободна Европа.
Со минатогодишните вложувања во одбраната, Србија ја престигна Хрватска, која во 2018 година беше на првото место според воената потрошувачка. Според ранг-листата на СИПРИ, Србија се најде во групата од топ 15 држави со најголем скок во воените „инвестиции“ и се најде на петтото место.
Сите земји од Западен Балкан во 2019-та бележат пораст во расходите за воениот сектор, но се разликуваат во висината што ја вложуваат. Секако, Србија и Хрватска се со најголеми воени буџети, со над милијарда долари. Другите земји одвоиле многу помалку средства: Албанија 198 милиони долари, Босна и Херцеговина 183, Македонија 151 милион, Црна Гора 89,3, додека Косово во 2019 година имало најмали воени расходи од 65,7 милиони долари.
Србија во последните години интензивно го зголемува својот воен потенцијал, а тоа најмногу го прави со набавките од Русија. Во претходните три години војската на Србија од руската воена индустрија купила пет хеликоптери „ми-17В-5“ и четири борбени хеликоптери „ми-35М“. Инвестирала и во ремонт на ловците „МиГ-29“. Најголема модернизација направи во 2019 година, со купувањето на ракетните системи за противвоздушна одбрана „панцир С1“.
Хрватска, исто така, ја засилува својата војска, а лани ги зголемила воените расходи за околу 43 милиони долари. На почетокот на годината најавија подновување на сопствената воздухопловна одбрана со набавка на нови борбени авиони, но привремено е одложена поради епидемијата на коронавирусот.
Ова упатува на трката во вооружување меѓу Србија и Хрватска, чии воени буџети во последните десет години не биле под 800 милиони долари на годишно ниво, како што покажуваат и податоците на СИПРИ.
Од 2008 година, од прогласувањето на независноста, Косово континуирано ги зголемува расходите за војската. Почетниот буџет изнесувал скромни 900 илјади долари, а веќе следната, 2009 година, се зголемил на 27 милиони. Од 2017 година издвојувањата за воените потреби не биле под 60 милиони долари.
На листата на топ 15 држави со најголем скок во воените расходи е и Македонија, која минатата година стана и полноправна членка на НАТО. Вложувањата во војската во 2019 година се повисоки за 30 отсто во однос на 2018 година. Македонија се наоѓа на шестото место, веднаш зад Србија. Црна Гора и Албанија покажуваат трендови на пораст, но нивните воени буџети, според податоците на СИПРИ, не се толку значителни во последните десет години.
Вкупните воени вложувања во светот во минатата година се зголемени за 3,6 отсто во однос на 2018-та и изнесуваат 1.917 милијарди долари, што е највисоко ниво од 1988 година. Поединечно по земји, најголеми одвојувања за војската имаат: САД, Кина, Индија, Русија и Саудиска Арабија, кои учествуваат со 62 отсто од глобалната воена потрошувачка.