Добивката од вложени 100 евра на победата на претседателот Вучиќ изнесуваше едно евро

Политичкото обложување, односно прогнозирање кој ќе биде претседателски кандидат или победник на парламентарни избори станува реалност во земјите од Балканот. Се чини, Србија е пионерот во обложување во политичките натпревари. Изборната треска во српските обложувачници на најдобар начин ја отсликува политичката состојба во Србија. За разлика од другите западноевропски земји, каде што политичкото обложување е можност и да се заработи со добра процена за тоа дали ќе победи кандидатот на актуелната власт или на опозицијата, кај нашиот северен сосед оваа појава добива „балканска специфика“.

Имено, главната битка за добивање на премиерската фотелја ќе се одвива меѓу политичарите од владејачката партија Српска напредна партија, која е предводена со претседателот на државата Александар Вучиќ, а опозицискиот кандидат со „најголеми“ шанси за премиер се наоѓа на деветто место (Небојша Човиќ со квота од 99).
Ваквата премиерска листа во обложувачниците, се должи делумно на општата атмосфера во Србија и најавениот бојкот на дел од опозицијата на априлските парламентарни избори, но и високиот личен рејтинг на Александар Вучиќ, за кого би гласале 44 отсто од граѓаните, кои би излегле на гласачките места. Сепак, медиумите најавуваат неизвесна премиерска трка во владејачкиот табор, а тоа се одразува и на дневното менување на поединечните коефициенти.

Коефициентите се менуваат на дневна основа и има постојани измени во редоследот на кандидатите. Актуелната премиерка Ана Брнабиќ е на врвот на листата со квота од 1,20, а зад неа е Милош Вучевиќ, потпретседател на СНС и градоначалник на Нови Сад, со квота од 2,50 и Бранислав Недимовиќ, министер за земјоделство, кој е единствен од актуелниот министерски состав носител на пратеничка листа), со квота од 4,50.
Извршниот директор на ЦЕСИД Бојан Клачар, во изјава за „Курир“, објаснува дека обложувачниците имаат стручен тим, кој сериозно се занимава со анализи и процени за т.н. политички обложувања.
– Обложувачниците, исто како и за спортот, така и за политиката, тргнуваат од почетните истражувања и процени. Кога ќе ги објават квотите, тие се менуваат во однос на уплатите што се добиваат. Врз основа на тоа, квотите се зголемуваат или се намалуваат.

Еднаков важен критериум се резултатите од истражувањата на јавното мислење и обложувачниците имаат луѓе што сериозно се занимаваат со тоа. Но значаен фактор е тоа што се случува во светот на политиката. Пример за тоа се зголемените шанси на Недимовиќ, откако се дозна дека се наоѓа на прво место на пратеничките листи – објаснува Клачар.
На минатите претседателски избори во Србија, граѓаните имаа можност да ги проверат своите прогнозерските способности, а во исто време и да заработат некој динар. Тогаш, речиси сто отсто беше сигурна победата на Александар Вучиќ, а обложувачниците до пред денот на изборите го утврдија коефициентот од 1,01. Ова значеше дека на 100 евра влог од победата на лидерот на СНС, можеа да заработат едно евро.

Во примерот со Србија, при формирањето на висината на квотите од големо значање е да се следат политичките настапи и изјави на претседателот Вучиќ, од чија волја зависат политичките кариери на одредени личности и функционери. Тоа, пред сѐ, се однесува на Брнабиќ, која во последните недели се истакнува со изјавите во кои го велича претседателот на државата, а од неодамна активно членува во партијата на напредњаците. Скокот на листата на Недимовиќ е директно поврзан со изјавата на лидерот на СНС, дадена на ТВ Пинк, за тоа дека „тој е сјајно момче и единствен министер на изборната листа и против него нема никој што да замери“.

– Тоа што е прв на листата, не значи дека ќе биде премиер – појасни Вучиќ.
Во Македонија не е возможно да се организира политичко обложување, поради законските ограничувања, кои не дозволуваат ваков вид забава.
– Во нашата земја беше можно да се обложува за доделувањето на „оскарите“ и за победникот на „Евровизија“. Политичко обложување не е дозволено. Преку нашите продажни пунктови не е можно да се даваат уплати за прогнозирање за тоа кој ќе биде премиер во Србија. Најверојатно тоа се прави преку интернет – ни изјавија од една наша позната обложувачница за спортски натпревари.


Обложувањето на изборните резултати станува сѐ популарно во светот. Ова обложување се прави главно на интернет, со што се искористува можноста за вклучување голем број учесници, кои ќе можат брзо да го предвидат исходот на претстојните избори. Првиот ваков пазар за политичко обложување е основан во 1988 г. и вклучил неколку илјади корисници, кои уплатувале скромни влогови. Со новите можности за обложување преку интернет се вклучени илјадници луѓе од разни места во светот, кои остваруваат промет во милиони долари. Постојат сериозни докази дека информациите собрани од овие финансиски пазари даваат точни предвидувања за исходите од изборите во некоја земја, се наведува во книгата „Долгата историја од политичкото обложување: Меѓународни перспективи“, од авторот Пол Род. Обложувањето е многу популарно пред изборите за нов претседател на САД.