Новата криза во односите на Москва со Западот има бранувачки ефект во многу соседни земји каде што се судираат руските и западните интереси
Најновата криза во односите на Москва со Западот може да се одрази и во многу земји и региони, вклучувајќи ги и Балканот и Централна Европа, Промовирањето на новата надворешна политика на новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, спакувана во слоганот „Америка се враќа“, беше знак за Кремљ да се подготви за многубројните предизвици на домашен, руски терен и во странство. Кога Бајден говори за обновување на врските со Европа, тоа во Москва се прима со претпоставка дека ќе биде направено спротивно на интересите на Русија, забележува Максим Саморуков, заменик-уредник на московскиот центар „Карнеги“, во својата анализа по најновите заострувања на глобалната политичка сцена.
Пораките од Вашингтон за враќање на демократијата за Москва значат дека ќе се менуваат владите во соседните земји, но и во самата Русија. Особено по острите критики од Западот за затворање на главниот опозициски лидер Алексеј Навални. Новата криза во односите на Москва со Западот има бранувачки ефект во многу соседни земји каде што се судираат руските и западните интереси, објаснува Саморуков во анализата што е објавена на БИРН. Во Украина, тензиите растат како што Киев ги затвора проруските медиуми, додека Москва флертува со идејата за официјално припојување на сепаратистичките самопрогласени републики на источниот дел на земјата во војна. Големи разидувања меѓу Вашингтон и Москва има и за прашањето за доделување акциски план на Грузија за членство во НАТО.
Западен Балкан може да стане уште една фокусна точка на соочување на интересите меѓу Кремљ и Западот. Вашингтон смета дека решавањето на долготрајните конфликти во регионот е можност да ја примени во практика својата продолжена соработка со ЕУ и да извојува победа во надворешната политика. Новата американска администрација веќе повика на решавање на српско-косовскиот конфликт и ја повтори својата поддршка за големите реформи во Босна и Херцеговина. Русија, исто така, остана надвор од новиот спор меѓу Бугарија и Северна Македонија за јазичните и идентитетските прашања, за разлика од нејзините минати интервенции во грчко-македонскиот спор.
– Минатото ни покажа дека заострувањето на односите меѓу Вашингтон и Москва се рефлектирало и на Балканот, според принципот на врзани садови. Тоа е судбината на малите народи, без оглед дали тие се дел од НАТО или Европската Унија, кои ќе бидат принудени да се изјаснуваат во однос на некои меѓународни одлуки. Состојбата е сензитивна и секако ќе има реперкусии доколку продолжат санкциите кон Русија. Таа ќе биде изложена на притисоците од Западот, првенствено поради Крим и Украина. Досега Русија не подлегна на овие санкции и се покажа дека тие не можат да влијаат на менување на нејзините ставови што се однесуваат на глобалната политика – вели Драган Јањатов, експерт за меѓународни односи.
Според Максим Саморуков, во овој момент Москва е помалку загрижена за Србија, чиј пат кон подлабока интеграција во ЕУ и НАТО е блокиран поради нејзиниот повеќедецениски конфликт со Косово. И покрај неодамнешното обновување на разговорите меѓу Белград и Приштина, шансите за напредок меѓу двете страни во блиска иднина остануваат мали.
Македонскиот дипломат Огнен Малески вели дека досегашното искуство покажало дека секое заострување на односите меѓу суперсилите се рефлектирало и на други региони во светот, а секако како невралгична точка е и Балканот.
– Сакам да нагласам дека засега има само назнаки за влошување на односите меѓу големите сили. Но во најновите случувања за регулирање на односите меѓу големите сили, покрај негативните, има и позитивни страни, како што е на пример иницијативата за постигнување нов договор за ограничување на нуклеарното вооружување во светот. Тоа води кон создавање сеопшта клима за соработка. Засега, односите меѓу Русија и САД не се заострени до тој степен. Неизвесно е дали ќе следуваат нови санкции и дали тие ќе бидат поддржани и од ЕУ. Зависи дали во санкциите ќе се вклучат и други земји, а во тој случај најизложени земји од регионот ќе бидат Србија, Црна Гора, па и Босна и Херцеговина. Треба да почекаме како ќе се одвиваат работите во иднина. Во овој дел Македонија исто така нема да биде заобиколена и таа секогаш се асоцирала со политиките на ЕУ и на НАТО, освен во некои исклучителни ситуации. Во секој случај, во регионот односно Балканот имало позитивни исчекори кога постоела силна координирана и усогласена политика меѓу големите сили – ни изјави Огнен Малевски.
Русија има повеќе различни интереси, а пред сѐ тоа е Србија колку што е можно подолго да се задржи надвор од западните интеграции, првенствено од НАТО-сојузот, вели Иво Висковиќ, професор на Факултетот за политички науки во Белград, во разговор за Радио Слободна Европа.
– Русите би прифатиле членство на Србија во Европската Унија и на тој начин сметаат дека ќе имаат земја внатре во Унијата, која можеби да ги разбере и да ги почитува нивните интереси за разлика од повеќето други европски членки, кои во последните години се конфронтираа со Русија првенствено за почитувањето на човековите права. Русија има силни економски интереси на ова подрачје, не ѝ е сеедно дали ќе се реши косовското прашање. Русија себеси се смета за суперсила и не сака да биде исклучена од решавањето на меѓународните прашања. Да се биде настрана за неа би значело да се претвори во неважен фактор. Русија нема да си го дозволи тоа – вели Иво Висковиќ.
Русија стравува дека реформите поддржани од Западот, чија цел е прераспределба на овластувањата меѓу националното и општинското ниво, ќе ја поткопаат способноста на нејзините сојузници на босанските Срби да влијаат врз одлуките на надворешната политика и да отворат пат кон членството во НАТО. Новите случувања во односите на Русија со Западот може да влијаат и на таканаречените држави во Вишеград – Чешка, Унгарија, Полска и Словачка. Водачите на Полска најверојатно се најпогодени од поразот на Трамп во САД. Земјата претходно уживаше статус на врвен сојузник на Америка во Европа. Сега се соочува со можноста да биде изолирана на Запад. Но другите три држави во Вишеград се друга приказна.
Во Словачка, владејачката коалиција има малку проблеми со Брисел. Словачката влада неодамна протера тројца руски дипломати. Сепак, проруските чувства во Словачка се меѓу најсилните во Европа и сегашната коалициска влада е склона кон внатрешни кризи.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан сигурно ќе го засили својот имиџ на пријател на Кремљ. Унгарија беше првата земја во ЕУ што ја набави руската вакцина против ковид-19 и големи се шансите таа да биде и првата земја во ЕУ што ќе му биде домаќин на рускиот претседател Владимир Путин по кризата со Навални во односите меѓу Русија и Европа, се забележува во анализата на Максим Саморуков, заменик-уредник на московскиот центар „Карнеги“.