БУГАРИЈА
Намалувањето на производството во Бугарија нема да предизвика недостиг од свинско месо на домашниот пазар, а потребните количества ќе бидат надоместени од увоз
До крајот на годината цената на свинското месо во Бугарија ќе биде околу 50 отсто повисока отколку во почетокот на 2019 година. Ова се предвидувањата од Здружението на преработувачи на месо, додека од Државната агенција за стоковни резерви сметаат дека порастот на цената на свинското месо е шпекулативен, пишува БНТ, по појавата на свинска чума во фармите за свињи во неколку сточарски региони во Бугарија.
Според Здружението на преработувачи на месо, цените на свинското месо веќе се зголемија за речиси 40 отсто од почетокот на годинава. Причина за ова е појавата на африканска чума во бугарските фарми, за што од ветеринарните служби во земјата е наложено да се уништи сиот сточен фонд од свињарските фарми во заразените подрачја. Исто така, зголемени се и контролите на пазарите. За спречување на ширењето на болеста кај дивите свињи се користат и дронови опремени со термални камери за да се заловат сите животни.
– До крајот на годината може да дојде до ново покачување на цените од 10-15 отсто. Ако во моментот килограм свинско месо чини 7,50 лева, цената може да надмине над 8 лева – вели Кирил Ватев од Здружението на преработувачи на месо.
Од Здружението сметаат дека намалувањето на производството нема да предизвика недостиг од свинско месо на домашниот пазар, кое ќе биде надоместено од увоз.
Претседателот на Државната агенција за стоковни резерви Владимир Иванов, во емисијата на БНТ, изјави дека зголемувањето на цената на свинското месо во Бугарија има шпекулативен карактер, а до тоа доведува и намалувањето на цените на светскиот пазар.
– Имаме многу интересна состојба на пазарот. Последните десет дена направија многу врева. Имаме промена во цената од 80 стотинки и зголемување од 7,75 на 8,30 за еден килограм месо, што е нереално – вели Иванов.
Експертите проценуваат дека, и покрај африканската чума, ќе има доволно свинско месо на пазарот, но истакнуваат дека болеста кај домашните животни ќе предизвика огромна штета за бугарската економија. Процените се дека загубата ќе биде над 400 милиони лева, а најмногу ќе се почувствува во свињарскиот сектор, во кој се ангажирани меѓу 20-40 илјади лица.
Институциите задолжени за контрола на квалитетот на храната презедоа соодветни мерки да се спречи ширењето на свинската чума, а ќе бидат уништени голем број свињи. Градоначалникот на Свистов информира дека 99 проценти од животните во приватните фарми во општината се уништени, а нивниот број достигнува до 17.000 грла.