Косово се стекна со репутација на држава што ги именува нештата по американски политичари, па дури поставува и статуи во нивна чест. Бронзената статуа на поранешниот американски претседател Бил Клинтон се издига во строгиот центар на Приштина. Булеварот Бил Клинтон во Приштина се вкрстува со оној по име Џорџ Буш. Во центарот на Приштина се наоѓа ексклузивен бутик „Хилари“, а еден од автопатиштата на Косово е именуван по покојниот син на поранешниот потпретседател и сегашен претседателски кандидат Џо Бајден – Бо Бајден

КОСОВО

Тренд во Косово за давање имиња по високи американски државни функционери

Косово е на пат да го именува своето најголемо езеро по претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп. А сѐ започна како обична шега. Вештачкото езеро Ујман (за Србите, Газивода), лоцирано на северозапад на Косово, е предмет на договорот под посредништво на администрацијата на Трамп, според кој езерото ќе биде поделено помеѓу Србија и Косово.
Поранешниот американски амбасадор во Германија и сегашен специјален претставник на Трамп во преговорите меѓу Србија и Косово, Ричард Гренел, првично ја предложи оваа идеја како шега, бидејќи двете држави не можеа да се договорат за името на езерото додека преговараа во Вашингтон. Сепак, неговата идеја беше сфатена сериозно, особено откако премиерот на Косово, Авдула Хоти, јавно ја поддржа на Твитер.
– Го поздравив предлогот на амбасадорот Гренел езерото Ујман да биде преименувано во езеро Трамп, во чест на американскиот претседател Доналд Трамп – напиша Хоти.
Корисниците на социјалните мрежи остро ја критикуваа идејата, нарекувајќи ја срамна, а потегот на косовскиот премиер го оквалификуваа како „потег на безрбетник што очајно се бори за легитимитет“.

Некои од нив беа уште поексплицитни во коментарите, кои, сепак, не се доволно пристојни за јавно пренесување. Како и да е, Косово веќе се стекна со репутација на држава што ги именува нештата по американски политичари, па дури поставува и статуи во нивна чест. За почеток, тука е бронзената статуа на поранешниот американски претседател Бил Клинтон, која се издига во строгиот центар на Приштина. Во случај да не ја забележите, зад неа има еден уште поголем постер со насмеаниот Бил Клинтон, кој гледа кон булеварот по име Бил Клинтон. Ако и тоа не е доволно, само на неколку метри подалеку се наоѓа бутикот „Хилари“, кој на жените од извесна возраст им продава елегантни панталони и друга облека.
Булеварот Бил Клинтон се вкрстува со оној по име Џорџ Буш, уште еден поранешен американски претседател. Брачните сопружници Клинтон, кои не се повеќе заедно, сѐ уште се многу почитувани во Косово. Големата почит произлегува главно од НАТО-интервенцијата во Косово за време на кампањата за етничко чистење на Албанците од страна на Србија во 1998/1999, која беше предводена токму од САД.

Косово именуваше и еден од автопатиштата по покојниот син на поранешниот потпретседател и сегашен претседателски кандидат Џо Бајден – Бо Бајден. Последна на сѐ подолгата листа на значајни американски политичари што добија своја биста на Косово е поранешната државна секретарка Медлин Олбрајт, која беше активна за време на мандатот на Бил Клинтон.
И покрај фактот што ревносната желба на Косово за славење американски политичари генерира голем број сатирични написи, тоа не ги спречува политичарите на оваа земја да продолжат со прекумерно трошење пари на вакви статуи.
Дури и демократскиот конгресмен од Њујорк и долгогодишен поддржувач на Косово, Елиот Енгел, доживеа да види булевар што е именуван по него. Ниту еден американски политичар не е премногу „голем“ или „мал“ за признание од страна на оваа мала балканска држава.
Двојни почести доби и сега веќе пензионираниот американски републикански сенатор Боб Дол – неговото име го носи еден булевар, а се подигна и негова биста со завидна големина.По сѐ, именувањето езеро по Доналд Трамп значи дека Косово останува верно на досегашниот модел на покажување лојалност кон САД. Сепак, не се само улиците и статуите она што го краси косовскиот пејзаж. Така, голем број млади момчиња во државата се именувани по Бил Клинтон, а некои девојки го носат името Медлин.
Интересно е што родителите „не брзаат“ да си ги именуваат децата по Доналд Трамп – можеби затоа што тоа би претставувало преголем чекор, па дури и за Косово. Иако, за волја на вистината, тоа не беше пречка за некои граѓани да ги именуваат своите домашни миленици по него – се разбира, како чин на почит кон актуелниот американски претседател.
И додека поголемиот дел од светот покажува категорично неодобрување во однос на актуелната администрација на Трамп (сведоци сме на историски ниски рејтинзи за согласност со нејзината политика), јавното мислење во Косово е драстично различно, дури 75 отсто од населението ги одобрува постапките на американското раководство.