Италија, како членка на Г7 и ЕУ, прави конкретни обиди да балансира помеѓу одржувањето блиски односи со традиционалните сојузници и амбициите за отворање нови економски можности преку соработката со Кина
Италија ја обновува и ја проширува соработката со Кина
Италија во изминатите неколку години бараше начини да ги балансира односите меѓу своите западни сојузници и Кина, за сега да отвори нова ера во билатералната соработка со најавеното обновување и продлабочување на односите со светската сила од Азија, кои ги најави италијанската премиерка Џорџа Мелони за време на својата прва официјална посета на Пекинг по преземањето на функцијата, известуваат светските медиуми. Се наведува дека посетата е обележана со потпишување тригодишен план за соработка, со цел зајакнување на билатералните врски.
Во рамките на италијанско-кинескиот бизнис-форум, Мелони и кинескиот премиер Ли Чијанг објавија шест нови договори што покриваат различни сектори, како што се електричните возила и обновливите извори на енергија. Мелони ја истакна важноста на меморандумот за индустриска соработка, нагласувајќи дека тој сега вклучува стратегиски сектори, како што се електричната мобилност и обновливите извори на енергија.
По средбата со кинескиот премиер, Мелони изјави дека посетата означува почеток на нова фаза во односите меѓу двете земји. Според изјавата на кинескиот премиер, Италија и Кина имаат намера да ја зголемат соработката на повеќе полиња, вклучувајќи бродоградба, авијација, нови извори на енергија и вештачка интелигенција.
Мелони завчера се сретна и со кинескиот претседател Си Џинпинг. Тие разговарале за глобалните прашања од заеднички интерес, како што се вештачката интелигенција, климатските промени и реформите на Советот за безбедност на Обединетите нации. Кинескиот претседател ја изрази желбата на Кина за понатамошна соработка со Италија во нови области, како што се електричните возила и вештачката интелигенција.
Во глобален контекст, Кина се обидува да се позиционира како водечки економски играч, проширувајќи го своето влијание преку инфраструктурни проекти и билатерални договори. Во исто време, западните земји, вклучувајќи ги и членките на САД и ЕУ, внимателно ги следат потезите на Кина, барајќи начини да ги заштитат своите интереси. Италија, како членка на Г7 и на Европската Унија, балансира помеѓу одржувањето блиски односи со традиционалните сојузници и барањето економски можности во соработката со Кина. Во 2019 година, Италија стана првата земја од Г7 што го потпиша кинескиот глобален инфраструктурен проект, иницијативата „Појас и пат“ (БРИ), но Италија сепак одлучи да се повлече од БРИ и покрај првичната соработка, што тогаш сигнализираше преиспитување на односите со Кина. Р.С.