Форин полиси
Вашата економија ќе се соочи со „разорни“ последици, го предупреди американскиот претседател Џо Бајден рускиот претседател Владимир Путин за санкциите што САД и нивните сојузници би ги вовеле доколку Русија ја нападне Украина. Кога Путин сепак ја нападна Украина, санкциите навистина удрија силно. Сепак, Путин не се повлече. И тој врати џиуџицу со контрасанкциите од Русија. Поминаа шест месеци и сега е третата фаза – прво беше одвраќање, потоа принуда, а сега исцрпување – кој ја добива војната со санкции?
Првата фаза, санкциите како главен елемент на одвраќање, не успеа. Визијата на Путин за Голема Русија и верувањето дека победата е блиску – да се потсетиме дека руските војници носеа парадни униформи во нивните ранци – можеби го направија бестрашен. Но, дури и ако тој не беше целосно подготвен за инвазија, од други случаи знаеме дека иако заканите со санкции имаа одреден успех за ограничени цели за промена на политиката, тие не можеа да го одвратат решителниот агресор од војна. Ниту поранешниот италијански диктатор Бенито Мусолини од инвазијата на Етиопија-Абисинија во 1935 година, ниту поранешниот ирачки лидер Садам Хусеин од инвазијата на Кувајт во 1990 година, ниту СССР од инвазијата на Авганистан во 1979 година.
Втората фаза, сеопфатните санкции воведени откако Русија изврши инвазија, се обидоа да нанесат доволно штета што – заедно со поддршката на НАТО на украинскиот отпор – требаше го принудат Путин да се повлече. Финансиските санкции ја отсекоа Русија од поголемиот дел од меѓународниот финансиски систем, вклучително и замрзнување на речиси половина од 640 милијарди долари девизни резерви кои се чуваат надвор од земјата. Технологиите како полупроводниците, од витално значење и за воената опрема и за комерцијалните производи како мобилни телефони и автомобили, беа ставени под ембарго. Повеќе од 1.000 мултинационални компании го сопреа – или го намалија – бизнисот во или со Русија. Над 600 руски олигарси и припадници на елитата, вклучително и Путин и неговото семејство, се поединечно санкционирани. Забраните за спортот и културата – Светското фудбалско првенство (и машко и женско), Меѓународната федерација за хокеј на мраз, Формула 1 и Изборот за песна на Евровизија – се обидоа да поттикнат чувството на изолација кај просечниот Русин. За нафтата и природниот гас кои се особено стратешки за руската економија, со производство пред војната што обезбедуваше околу половина од федералниот буџет и една третина од БДП на земјата, санкциите беа воведувани побавно и поограничено со оглед на енергетската зависност на оние кои треба да ги спроведат.
Целокупниот пакет санкции имаше значително економско влијание. Проекциите за рускиот БДП ги забележаа најлошите контракции од хаотичните 1990-ти. Во март рубљата изгуби речиси половина од својата вредност, од 84 рубљи на 154 рубљи за долар. Во средината на април, градоначалникот на Москва предупреди дека се загрозени 200.000 работни места. Инфлацијата се приближи до 18 отсто, дури и повисока во секторите кои најмногу зависат од меѓународните синџири на снабдување. Со оглед на тоа што украинскиот отпор уништи многу борбена опрема, а санкциите ги попречуваа напорите за снабдување, руските сили на фронтот се соочуваа со недостиг.
Но, како што често прават санкционираните земји, Русија прибегна кон три главни одбранбени стратегии за да ги ограничи последиците: алтернативни трговски партнери, пробивање на санкциите и домашни компензации.
Иако многу земји се приклучија кон санкциите, некои клучни не го сторија тоа. Кина го зголеми увозот на руска нафта, обезбеди некои воени потреби и се огласи со изјави за поддршка, иако не целосна како што предвидуваше руско-кинеското партнерство „без ограничувања“ пред инвазијата. Поттикната од намалувањето на цените, како и билатералните воени врски, Индија го зголеми увозот на руска нафта од 1 на 20 отсто. Бидејќи Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати одбиваат значително да го зголемат производството, светската цена расте и повеќе од што е потребно за се надоместат попустите кои ги дава Русија, одржувајќи ја заработката за неколку проценти повисока од претходната година.
А тие бројки за приходите од нафта не го вклучуваат и тројното зголемување на бројот на танкери кои пловат „на црно“ за да не бидат откриени и превозниците и рафинерите што ја кријат руската нафта и ја мешаат со нафта од други производители.
Стотици илјади тони украинско жито беа украдени и испратени на руските сојузници. Имаше многу други прескокнувања на санкциите, вклучително и од олигарсите и пријателите на Путин кои најдоа даночни и банкарски раеви и безбедни пристаништа за нивните суперјахти.
За трошоците кои сè уште доаѓаат, Кремљ прибегна кон мешавина на економски компензациски мерки и политичка репресија. Зголемувањето на каматните стапки на централната банка и контролата на капиталот помогнаа рубљата да се врати од раниот остар пад на највисокото ниво во последните седум години кон крајот на јуни. Зголемувањето на пензиите и финансиската помош на компаниите помогнаа да се ублажи влијанието врз просечниот Русин. Апсењата и другите политички репресии го потиснаа почетниот бран внатрешни протести. Малкуте олигарси кои се осмелија да проговорат, ја платија цената.
Третата фаза, онаа во која се наоѓаме сега, е фазата на исцрпување. Кој прв ќе се сруши?
Руските контрасанкции, кои се најзначајно намалување на испораките на природен гас за Европската унија, имаат влијание. Заклучно со 31 јули, капацитетот на гасоводот – повеќе од 400 милиони кубни метри дневно (мцм/ден) една година порано – се намали на близу 100 мцм/ден. Германските трошоци за електрична енергија се речиси двојно зголемени од јануари до јуни, од 140 на 260 евра за мегават-час. Недостигот на гас веќе предизвикува големите индустрии да го намалат производството. Штедењето, како и мерките за замена на горивото и снабдувачот помогнаа, но само донекаде. Неодамнешниот договор на ЕУ за поделба на гасот има доволно дупки за да го држи отворено сеништето за зимското рационализирање. Навистина, одредено рационализирање веќе започна. Во услови на едно од најжешките лета досега, Шпанија бара комерцијалната климатизација да не биде пониска од 27 степени Целзиусови, Холандија охрабрува ограничување на туширањето на 5 минути, а во Франција „урбани герилци“ ги исклучуваат светлата на излозите.
А, тука се и пошироките глобални последици. Повторно, се прави трговија околу климатските промени, САД ги поништуваат ограничувањата за домашно дупчење нафта и гас, а Европа повторно се префрла на јаглен. Растот на глобалниот БДП од 5,7 отсто во 2021 година, во јануари беше проектиран на помалку од 4,1 отсто, а сега се прогнозира на 2,9 отсто. Иако глобалните цени на нафтата паднаа во последно време, останува загриженоста дека со заострување на санкциите за руската нафта, светските цени би можеле да се приближат до 200 долари за барел. Сиромашните и земјите во развој се особено тешко погодени од сето ова, при што најмалку 40 милиони луѓе се турнати во сиромаштија. Иако руските воени тактики се главно одговорни за недостигот на храна за речиси половина од светската популација, голем дел од вината се припишува и на западните санкции.
Некои анализи укажуваат на тоа дека санкциите нанесуваат сè поголема структурна штета на руската економија. Рубљата можеби е поддржана, но девизните курсеви на црниот пазар ја покажуваат нејзината слабост. Акциите на Гаспром паднаа за прв пат од 1998 година бидејќи не исплати дивиденда. Замената на увозот заостанува сектор по сектор. Интересно е што Елвира Набиулина, претседателката на Централната банка на Русија, предупреди дека „периодот во кој економијата може да живее од резервите има крај“. Се проценува дека 500.000 работници, многумина високообразовани и со искуство во технолошкиот сектор, како и клучен дел од базата на таленти на секоја економија, ја напуштија земјата. Со оглед на тоа што руските сили изгубија околу 2.600 оклопни возила и истрелаа близу 70 отсто од нивните прецизно наведувани проектили, санкциите ги принудуваат властите заради надаполнување на снабдувањето да земаат и да користат полупроводници од фрижидери и машини за миење садови.
Заморот од санкциите на Западот и продолжувањето на украинскиот отпор поддржан од НАТО што предизвикува значителни трошоци на теренот, би можело уште посилно да ја притисне економско-воената штипка. Сепак, не треба да се очекува Путин да попушти. Тврдењата дека санкциите ја водат Русија до „економски заборав“ и „ја разбиваат воената машинерија на Путин“ не ја одразуваат целосната слика.
Досието на санкциите е полно со случаи каде големото економско влијание не доведе до промена на политиката: на пример, имаше повеќе од 60 години санкции против Куба, но режимот сè уште е на власт; децениски санкции против Северна Кореја, но лидерот Ким Џонг Ун продолжува да го проширува својот нуклеарен арсенал; и кампањата за „максимален притисок“ на поранешниот американски претседател Доналд Трамп против Иран го намали БДП за 10 проценти, предизвика инфлацијата од 40 проценти и невработеност кај младите близу 30 проценти, но не го натера Техеран да попушти.
Онаму каде што санкциите го претворија економското влијание во усогласување и корекција на политиката, клучни беа два фактора.
Едниот е дали внатрешните елити и другите клучни политички актери играат улога на „прекинувач“ или „преносник“, блокирајќи или спроведувајќи го притисокот од санкциите против режимот врз основа на тоа дали е во нивен интерес да даваат отпор или да се залагаат за усогласување на политиките. Една од причините зошто санкциите на поранешниот американски претседател Барак Обама за Иран ја постигнаа својата политичка цел, а санкциите на Трамп не, беше тоа што вршејќи економски притисок без политички антагонизам, беа искористени внатрешните промени во иранската политика. Истото беше случај и со Либија во 2003 година, кога нејзината нафтена индустрија крахира поради недостиг на меѓународна технологија и инвестиции кои беа под санкции од САД, Европа и Обединетите нации, така што прагматичните технократи околу поранешниот либиски лидер Моамер ел-Гадафи беа способни да докажат дека е во нивен и негов интерес да се направат отстапки за тероризмот и програмите за оружје за масовно уништување.
Проценките за убиени или ранети од 70.000 до 80.000 руски војници, многу повеќе отколку во осумгодишната војна во Авганистан, како и извештаите за зголемено внатрешно противење од руските семејства и дисидентите, не треба да земаат премногу сериозно, но исто така не треба ни да се отфрлат. Ниту, пак, сценаријата според кои, од свои националистички причини – повредена гордост бидејќи мора да се свртат кон севернокорејските „волонтери“ или ја штитат војската од понатамошна штета – некои клучни моќни елити ќе можат да извршат притисок за изнаоѓање прифатлив излез.
Другиот клучен фактор е дипломатска стратегија која со зајакнатите санкциите, би донела поповолни, или пак донекаде реципрочни услови. И овде, и покрај разликите, поучни се случаите со Иран и Либија. Санкциите на Обама нанесоа доволно економска болка за да го натераат Иран сериозно да преговара за неширење на нуклеарното оружје, а кога беше постигнат договор со Заедничкиот сеопфатен план за акција, беа укинати многу од санкциите. Избегнувањето на Трамп, пак, на сè што е блиску до сериозен дипломатски процес ги одзеде сите кредибилни основи за реципроцитет. Слично и со Либија, договорот што го постигнаа американските и британските преговарачи предводени од тогашниот помошник државен секретар на САД Вилијам Барнс, кој сега е директор на ЦИА, обезбеди олеснување на санкциите во замена за отстапки за тероризмот и демонтирање на оружјето за масовно уништување, чие значење стана особено очигледно за време на хаосот и нестабилноста во текот на Арапската пролет во 2011 година.
Колку и да беше тешко да се воспостават суштински соодветни и политички одржливи услови со Иран и Либија, толку ќе биде потешко со Русија. Кои санкции се укинуваат и за што за возврат? Дали некои остануваат трајно? За овие и други прашања, клучот е да има поддршка од САД, Европа и Украина, и да се обезбеди основа за Путин или кој било друг руски лидер да се согласи. Ова е тежок баланс за постигнување, но неопходен.
Брус В. Џентлсон, професор на Универзитетот Дјук и соработник во Центарот Вилсон и Советот за глобални прашања во Чикаго