Преку начелната согласност за самит со рускиот лидер Владимир Путин, американскиот претседател бара значителна победа во надворешната политика, но истовремено прифаќа политички и стратешки ризици што би можеле негативно да се одразат по него, пишува „Си-ен-ен“.
– Покрај големиот политички риизк, Бајден ќе треба да чекори по нестабилно геополитичко тло ако се сретне со Путин. Се смета дека рускиот лидер ја користи ситуацијата со Украина бидејќи сака да го врати престижот на Кремљ од времето на Студената војна како сила рамна на САД, а Бајден всушност му овозможува таква платформа, иако многумина во Вашингтон ја сметаат Русија за сила во опаѓање – се наведува во анализата на „Си-ен-ен“, како и дека дополнителен ризик за успех од разговорите претставуваат и спротивставените ставови на двете страни.
Прашањата поврзани со кризата се во заложништво на истата фундаментална разединетост помеѓу Русија и САД која уште повеќе е нагласена во конфликтот околу Украина и покажуваат зошто каков било самит помеѓу Бајден и Путин ќе биде сметан за несигурен се додека не се случи, како и зошто мала е веројатноста за успех, заклучува американската телевизиска мрежа.
Постојат сомнежи дали состанокот договаран преку францускиот претседател Емануел Макрон воопшто ќе се одржи, откако Кремљ соопшти дека е прерано да се организира самит, а Белата куќа истакна дека тој би се одржал доколку не дојде до руска инвазија врз Украина. А предвидено е американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи дополнително да разговараат за можната средба помеѓу Бајден и Путин.