Американскиот претседател Џо Бајден ги отфрли заклучоците од декласифицираниот извештај за кој пишуваше Вашингтон пост, во кој американската војска го критикуваше начинот на кој Белата куќа управуваше со повлекувањето на САД од Авганистан.
– Немаше вистински момент за повлекување од Авганистан, изјави Бајден во интервју за Ен-БиСи.
Тој додаде дека ги отфрлил заклучоците од извештајот.
„Вашингтон пост“ вчера објави информација за извештај од внатрешна истрага на американската војска. На 2.000 страници има многу разговори со војската. Некои ја обвинија Белата куќа дека ги игнорирала воените предупредувања и не ги охрабрила напорите на Пентагон да започне операции за евакуација пред Кабул да падне во рацете на талибанците. Војската вели дека имало хаос во организацијата на операциите за евакуација по напливот на барања за евакуација од различни локации.