Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, беше пречекан во Белата куќа од претседателот во заминување Џо Бајден, како дел од традиционалниот состанок за трансфер на власта.
Средбата меѓу двајцата ривали во Овалната соба денеска доаѓа по жестоката кампања, во која Бајден се откажа во текот на летото по катастрофалната дебата против Трамп. Сепак, неговиот потпретседател и наследник во претседателската трка, Камала Харис, загуби од Трамп на изборите на 5 ноември со голема разлика.
Демократот Бајден и републиканецот Трамп се ракуваа пред камерите. Бајден му рекол на Трамп дека се радува на „мирен трансфер на власта“.
– Добредојдовте. Добре дојдовте назад – рече Бајден.
– Политиката е груба игра и не е секогаш убав свет. Но, денес е убав и јас сум ти благодарен затоа што се одвива без проблеми. Ќе биде мазно колку што може, благодарен сум за тоа Џо – рече Трамп.
Бајден и Трамп разговарале за неколку важни прашања за време на средбата, која се одржа речиси два месеци пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател на 20 јануари.
– Тие ќе разговараат за главните прашања – внатрешната и надворешната политика – вклучително и она што се случува во Европа, Азија и на Блискиот Исток“ – изјави советникот на Бајден за национална безбедност, Џејк Саливан, пред состанокот.
– И претседателот ќе има можност да му објасни на претседателот Трамп како ги гледа работите и да разговара со претседателот Трамп и за тоа како тој има намера да ги реши овие прашања кога ќе ја преземе функцијата – додаде Саливан.
Средбата меѓу Бајден и Трамп претставува остар пресврт од пред четири години, кога Бајден го победи Трамп на претседателските избори во 2020 година.
Трамп ги оспори изборните резултати и одби да договори средба со Бајден во врска со трансферот на овластувањата и одби да присуствува на неговата инаугурација.
– Трамп и Бајден поминаа голем дел од претседателската кампања зборувајќи лошо еден за друг и за заканата за демократијата што тие наводно ја претставуваат, пренесува дописничката на „Ал Џезира“ од Белата куќа, Кимберли Халкет.
– Но, нема да видите ништо од тоа кога ќе бидат пред камерите. Ќе бидат насмеани и ќе се преправаат дека се најдобри пријатели. Тоа е политика во Вашингтон, така функционира – додаде таа.
Бајден вети мирна и уредна транзиција во говорот минатата недела при прифаќањето на изборните резултати.
– Не можете да ја сакате својата земја само кога победувате – рече тој.
Враќањето на Трамп на претседателската функција означува промена за него и за републиканците. Многумина се сомневаа дека тој ќе може да ја оживее својата политичка кариера по поразот од Бајден, особено откако неговите поддржувачи упаднаа во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, предизвикувајќи широка осуда.
Но, новоизбраниот претседател сега е во силна позиција и брзо тргна во назначувањето советници во новата администрација.
Трамп денес се состана и со републиканците во Конгресот обидувајќи се да ја обезбеди нивната поддршка за неговата агенда. Се поверојатно е дека републиканците освоиле мнозинство во Претставничкиот дом, што значи дека покрај Сенатот, десничарската партија ги контролира и законодавните тела, но и претседателството. Тоа му дава шанса на Трамп, барем до среднорочните избори во 2026 година, да спроведе построги политики што демократите би можеле да се обидат да ги блокираат доколку го контролираат Домот или Сенатот.
Во меѓувреме, републиканците во американскиот Сенат, исто така, денеска се собраа зад затворени врати за да гласаат за нивниот нов лидер во Сенатот на тајно гласање.
Сенаторот од Јужна Дакота Џон Тун, сенаторот од Тексас Џон Корнин и сенаторот од Флорида Рик Скот се очекува да бидат фаворити.