Американскиот претседател Џо Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц ја потврдија својата посветеност да ја поддржат Украина, јави ДПА. Агенцијата забележува дека двајцата, кои се меѓу најблиските сојузници на Киев, разговарале за војната за време на приватна средба во Белата куќа.
Тоа беше втора посета на германскиот канцелар Шолц на Белата куќа во речиси 15 месеци откако ја презеде функцијата. Тој првпат беше во Вашингтон на почетокот на февруари минатата година, кога централна улога имаше и темата Украина.
Во кусото соопштение објавено по разговорите, Белата куќа наведува дека Бајден и Шолц зборувале за „континуираните напори за обезбедување сигурност, хуманитарна, економска и политичка помош за Украина и важноста да се поддржи глобалната солидарност со народот на Украина“, како и за други глобални прашања.
Заедничката поддршка за Украина во изминатата година беше од решавачко значење, рече Шолц за време на кратката средба со претставниците на медиумите пред разговорите.