Бабиш бара ЕУ да ги вклучи земјите од Западен Балкан во шенген зоната
Фото: ЕПА

Новиот премиер на Чешка, Андреј Бабиш денеска, по првиот состанок со ново именуваната Влада, нагласи дека тој е за Европска Унија, но оти ЕУ не решава некои проблеми, меѓу кои и проширувањето на шенген зоната со земјите од Западен Балкан.

– Не разбирам зошто ЕУ одамна не го реши проширувањето на шенген зоната со земјите од Западен Балкан, за да ја бранат нашата Европа на море од шверцерите, кои ги злоупотребуваат луѓе и им ветуваат подобар живот, а само им ги земаат парите – посочи Бабиш.

Тој најави дека итните европски прашања на дневен ред ќе бидат утре, на првата работна седница на новата чешка Влада.

– Ќе ги отфрлиме новите дозволи за емисија на гасови ETС2, затоа што станува збор за нов зелен данок, ќе го отфрлиме миграцискиот пакт – посочи Бабиш

Тој додаде дека ќе учествува на претстојниот Самит на ЕУ, како и на состанокот на земјите кои ги отфрлаат новите европски миграциски решенија организиран од Данска. Бабиш в среда најави дека ќе учествува на состанок со лидерите на земјите од Западен Балкан.

Бабиш потенцира дека тој и неговата партија АНО отсекогаш се бореле за интересите на Европа, но дека Унијата сега ја губи конкурентноста и не решава проблеми како што се изворите на енергија, даночната евазија или царинските манипулации.

Тој најави и оти Чешка ќе продолжи со хуманитарната помош за Украина, но не наведе дали ќе го прифати предлогот за користење на замрзнати руски средства за помош на Киев.