Европската Унија ќе го одложи брегзит до февруари 2020 година, ако британскиот премиер Борис Џонсон не добие поддршка за неговиот договор во парламентот следната недела, пишува британски „Тајмс“.
Одложувањето би било од променлив карактер, што значи дека Британците би можеле да ја напуштат ЕУ порано во ноември, декември или јануари, во зависност од тоа кога договорот ќе биде ратификуван, пишува британскиот весник.
Исто така се наведува дека европските земји нема да одлучат за потенцијалното одложување додека не проценат дали договорот ќе помине во британскиот парламент во вторник.
Во случај Џонсон да се најде во сериозна неволја или пратениците да инсистираат на втор референдум, тогаш земјите од ЕУ предводени од Германија ќе бараат подолго одложување, евентуално до јуни следната година.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, потврди дека добил барање за одложување на брегзит и рече дека ќе се консултира со владите на земјите членки.
Британскиот премиер побара одложување на брегзит откако парламентот во Лондон донесе закон со кој се бара да го стори тоа, но во писмото до Брисел изјави дека не го сака тоа лично.