Патнички авион на компанијата „Чајна Истерн Ерлајнс“ со 132 лица се урна денеска во јужна Кина, соопштија кинеските воздухопловни власти. Државните медиуми јавуваат дека падината каде паднал авионот е во пламен, бројот на жртвите засега не е познат.
Авион од типот „Боинг 737“ што летал од Кунминг за Гуангжу „го загубил воздушниот контакт над градот Вужоу“ во јужниот регион Гуангкси, соопшти Кинеската управа за цивилно воздухопловство (ЦААЦ) во онлајн соопштение.
– Во моментов, потврдено е дека авионот на тој лет се урнал – соопшти ЦААЦ, додавајќи дека била активирана процедурата за реакција при итни случаи и „е испратена работна група на местото на настанот“.
Авионот превезувал 123 патници и девет членови на екипажот, соопшти ЦААЦ.
Претходниот извештај на државните медиуми соопшти дека во авионот имало 133 лица.
Државната телевизија „Си-си-ти-ви“ објави дека авионот се урнал во округот Тенг во близина на Вужоу и „предизвикал пожар на планината“, цитирајќи го провинциското биро за управување со вонредни состојби. Локален жител на местото на несреќата, во изјава за порталот „Џиму њуз“ истакнал дека авионот кој бил уништен, како и оти предизвикал шумски пожар пред локалните пожарникари да го изгаснат огнот.
Најголемата авионска несреќа во Кина се случи во 1994 година кога при пад на авион на „Чајна Нортвест Ерлајнс“ загинаа сите 160 патници.
Моделот „737-800“ кој се урнал во Кина е претходник на моделот „737 макс“ на „Боинг“ кој беше исфрлен од употреба во Кина откако имаше несреќи во Индонезија во 2018 и во Етиопија во 2019 година.