Фото: ЕПА

Иднината на трилатералниот воен сојуз АУКУС на тапет

Повеќе реномирани светски медиуми пренесуваат дека „расте тензијата во политичките и аналитичките кругови на сојузниците во трилатералниот воен пакт АУКУС, сочинет од Австралија, Обединетото Кралство и САД, поради неизвесноста во врска со политиката на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за споменатиот воен сојуз”.
Во стручната јавност постојат верувања дека Трамп по враќањето во Белата куќа би можел да го укине АУКУС поради преголемите трошоци за и онака ослабената американска индустрија, додека други го мислат спротивното – дека САД ќе го поддржат пактот. Самиот Трамп, невообичаено, сè уште молчи за сето она што се зборува за АУКУС, што уште повеќе ја зголемува загриженоста за иднината на воениот сојуз.

Договорот за подморници вреден 369 милијарди долари најмногу ги засега Австралија и Велика Британија

Според известувањето во медиумите, сега се проучуваат изјавите на соработниците на Трамп во надеж за предвидување на потезите на новоизбраниот претседател на САД во врска со АУКУС, односно договорот за програмата за подморници вреден дури 369 милијарди долари. Се наведува дека САД би ја споделиле технологијата со своите партнери, така што Австралија и Обединетото Кралство би можеле да изградат група врвни нуклеарни подморници до 2040-тите.
Двајца инсајдери од одбранбената индустрија изјавија за реномираниот медиум „Политико“ дека британската влада има сериозна загриженост оти Трамп би можел повторно да преговара за договорот или да ги промени временските рокови. Тоа е затоа што пактот веројатно бара од САД привремено да ја намалат својата поморска флота – нешто што Трамп може да го протолкува како спротивно на неговата идеологија „Америка на прво место“. Договорот исто така ја принудува американската влада да ѝ продаде на Австралија од три до пет од своите активни јуришни подморници „Вирџинија“, најдобри во флотата на американската морнарица, до почетокот на 2030-тите, како мерка додека не се конструираат нови подморници за АУКУС. Тоа се совпаѓа со времето кога постои широкопризнаена криза во индустриските одбранбени капацитети на САД.
Блиските набљудувачи на ова прашање се согласуваат дека сè уште е рано да се предвиди што ќе направи Трамп, со што има причини за оптимизам кај поддржувачите на договорот поради изборот на Трамп за највисоките позиции во американската национална безбедност – на сенаторот Марко Рубио, веројатниот иден државен секретар, и на пратеникот Мајк Волц како советник за национална безбедност на Трамп во Белата куќа. И двајцата служеа во конгресните комисии за надворешни работи што се занимаваат со законодавството што го овластува АУКУС и добро ќе знаат дека пактот има широка двопартиска поддршка во американскиот Конгрес. Сепак, Александар Греј, помошникот за национална безбедност на Белата куќа во првиот мандат на Трамп, изјави за „Политико“ дека има добра причина за нелагодност околу судбината на АУКУС.

Противници на АУКУС има и во Австралија

Сепак, не е тајна дека и во самата Австралија има противници на договорот АУКУС. Тие сметаат дека договорот не само што не придонесува за безбедноста на Австралија и нејзините национални интереси туку само дополнително ги загрозува со непотребно иритирање на Кина, со која оваа земја има многу развиени трговски односи. Еден од најострите критичари на АУКУС е поранешниот австралиски премиер Пол Китинг, кој го нарече „најлошиот договор во историјата“.
Покрај тоа, членството во АУКУС им беше понудено и на Нов Зеланд и Јапонија, но двете земји одбија. Наводно, поради противењето на нуклеарните подморници (барем кога станува збор за Нов Зеланд). Јапонија, пак, веројатно, поради близината на Кина, која силно се спротивставува на секоја нејзина нуклеарна амбиција. Р.С.