Министерот за цивилна заштита на Грција Такис Теодорикакос и портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, целосно ги отфрлија тврдењата на министерот за внатрешни работи на Турција Сулејман Сојлу дека осомничената за тероризам по бомбашкиот напад во Истанбул, ако не беше уапсена ќе побегнеше во Грција, истакнувајќи дека официјална Атина е против тероризмот од каде и да потекнува, јави дописничката на МИА од Атина.
Теодорикакос говорејќи во интервјуто за грчката телевизија „Скај“ рече дека Грција ефикасно ги чува границите и никогаш не би дозволила терорист да влезе на нејзина територија.
-Турскиот министер за внатрешни работи знае дека нашата земја одлично ги чува своите граници и никој не може нелегално да влезе, па така никогаш не би примиле терористи на своја територија. Од февруари – март 2020 година до денес, со нелегалните мигранти кои доаѓаат организирано како асиметрична закана, се постапува на ефикасен начин и секогаш врз основа на принципите на меѓународното право – рече Теодорикакос.
Владиниот портпарол на денешниот редовен брифинг со новинарите истакна дека „Владата е цврсто против секој акт на тероризам“, додаде дека она што се случи во Истанбул „е ужасно и апсолутно за осуда“.
-Земјата има отворен фронт со секоја појава на тероризам насекаде во светот – порача Иконому.