Фото: Пиксабеј

Приведени се 43 лица во рамки на голема европска истрага за криминални активности за затајување на ДДВ преку перење пари и мафијашка активност, соопштија од европското обвинителство и италијанската полиција.

Се истражува измама со ДДВ вредна 520 милиони евра. Вклучени се вкупно 195 лица, а учествувале над 400 компании.

Во рамките на операцијата, со кодно име Моби Дик, беше издадена наредба за замрзнување на над 520 милиони евра за да се компензира штетата на ЕУ и националните буџети. Само во Италија замрзнати се 129 банкарски сметки, а 192 имоти се конфискувани, заедно со 44 луксузни автомобили и пловни објекти.

Истрагата се однесува на даночна измама во трговијата со ИТ производи и електронски уреди во ЕУ и опфаќа околу 400 компании со 200 осомничени, главно во Италија и неколку европски земји, но и во САД и ОАЕ, објави Ројтерс.

Според европските обвинители, уапсените се соочуваат и со обвиненија за поддршка на неаполската мафија Камора и сицилијанската Коза Ностра со вложување средства во измама со ДДВ.

-Веќе некое време алармиравме за опасни организирани криминални групи, кои се инволвирани во измами со буџетот на ЕУ. Сега го расветливме првиот ваков голем случај. Нема разлика помеѓу светот на навистина лоши и опасни криминалци вклучени во трговија со дрога и луѓе и светот на „криминалците од бели крагни“ кои корумпираат и перат пари – рече во изјавата за печат шефицата на европското јавно обвинителство, Лаура Ковеси.

Некои од апсењата се извршени во Чешка, Холандија, Шпанија и Бугарија, прецизираше дополнително европското обвинителство.

Во Италија се извршени над 160 претреси, а дополнителни претреси и заплени се направени во Шпанија, Луксембург, Чешка, Словачка, Хрватска, Бугарија, Кипар и Холандија, како и во Швајцарија и ОАЕ.