Фото: принтскрин

Американскиот носач на авиони „Џералд Форд“ (USS Gerald R. Ford) денеска вплови во Карипско Море, со цел да помогне во „пресретнувањето на трговијата со дрога и онеспособувањето и демонтирањето на меѓународните криминални организации“.

Претседателот на САД, Доналд Трамп минатиот месец нареди распоредување на „Џералд Форд“ во Карипско Море. Носачот на авиони „Џералд Форд“ беше пуштен во употреба во 2017 година. Тоа е најновиот носач на авиони на САД и најголемиот во светот, со екипаж од повеќе од 5.000 луѓе. Носачот на авиони има ескадрили од борбени авиони и разорувач со наведувачки ракети.

САД во септември распоредија 10 борбени авиони Ф-35 во Порторико, како и осум воени бродови и нуклеарна подморница во јужниот дел на Карипско Море, во близина на брегот на Венецуела, официјално како дел од операцијата против илегалната трговија со дрога, која американскиот министер за одбрана Пит Хегсет ја нарече „Јужно копје“.

Досега во Карипско Море се распоредени околу 12.000 американски војници, што е најголемо зголемување на американската борбена моќ во регионот во изминатите три децении.

Од почетокот на септември, најмалку 80 лица се убиени во 20 американски напади врз мали чамци обвинети за транспорт на дрога во Карипско Море и источниот дел на Тихи Океан.

САД долго време користат носачи на авиони за да вршат притисок и да ги одвратат другите земји од агресија, бидејќи нивните воени авиони можат да погодат цели длабоко во територијата на друга држава.

Дел од експертите тврдат дека носачот на авиони „Џералд Форд“ не е погоден за борба против картелите, но може да биде ефикасен инструмент за заплашување на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.

Мадуро тврди дека САД сузбивањето на илегалната трговија со наркотици ја користат како изговор „за наметнување промена на режимот“ во Венецуела и конфискација на нејзините нафтени резерви, кои се меѓу најголемите во светот.

Трамп на 2 октомври го извести Конгресот дека неговата администрација ги означила членовите на нарко-картелите како „нелегални борци“ со кои САД се вклучени во „немеѓународен вооружен конфликт“.

Документот имаше за цел да ја објасни правната основа на администрацијата на Трамп за распоредување на американски воени сили во Карипско Море. Според правните експерти употребата на воена сила против наводни криминалци во меѓународни води го заобиколува правниот процес и нема јасна правна основа.

Во минатото, операциите против илегалната трговија со дрога ги спроведуваше Крајбрежната стража на САД, главната агенција за спроведување на законот на САД на море, а не американската армија.

Од почетокот на распоредувањето на американски сили во Карипско Море, Венецуела прогласи вонредна состојба, ги мобилизираше вооружени сили и одобри вонредни мерки за заштита на стратешки локации и институции во услови на зголемени тензии. Мадуро повика на национална мобилизација, наведувајќи оти суверенитетот на Венецуела можеби ќе треба да се брани од надворешна агресија.