Претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, републиканецот Кевин Мекарти го отфрли предлог-законот за привремено финансирање на владата, кој е во процедура во Сенатот.
На овој начин го доближи Вашингтон чекор поблиску до четвртата делумна блокада на владата за десет години, до која остануваат само уште четири дена, пренесе „Хина“.
Тоа би довело до суспензија на стотици илјади вработени во владините агенции и низа владини служби, од објавување на економските показатели до субвенции за храна, додека Конгресот не го усвои предлог-законот за владино финансирање, кој на крајот мора да го потпише претседателот Џо Бајден.
Според планот на Сенатот, владата ќе биде финансирана до 17 ноември за да им даде на пратениците повеќе време да се договорат за финансирањето за целата фискална година, која започнува на 1 октомври.
– Не гледам поддршка во Домот за планот на Сенатот – рече Мекарти, иако нацрт-законот има поддршка од републиканците во Сенатот, вклучувајќи го и нивниот лидер Мич Меконел.
– Претседателот треба да се вклучи и да направи нешто, или владата ќе се затвори – им рече Мекарти на новинарите.
Екстремно десничарските републиканци во Претставничкиот дом особено се противат на планот на Сенатот за помош од 6,1 милијарди долари за Украина.