Фото: Принтскрин

Членовите на американскиот Конгрес го обвинија извршниот директор на компанијата „Тикток“, Шoу Чу, дека апликацијата овозможува штетна содржина и предизвикува „емоционална вознемиреност“ кај младите корисници, пренесува „Ројтерс“.

Републиканската претставничка Кети Мекморис Роџерс на почетокот на сослушувањето во Конгресот рече дека за неколку минути по отворањето на нов профил на Тикток, алгоритмот на апликацијата промовира содржина со самоповредување, нарушувања во исхраната и поттикнување опасни предизвици.

Демократскиот конгресмен од Њу Џерси Френк Палоне рекол дека содржината достапна за децата на Тикток го зголемува детскиот „емоционален стрес“.

Чу се соочи и со прашање дали компанијата ги шпионира американските граѓани, на што одговори дека „шпионажа не е правилен термин за опишување на ситуацијата“.

Тој истакна дека неговите деца не го користат Тикток, бидејќи во Сингапур, каде што живеат, не постои верзија на апликацијата достапна за корисници под 13-годишна возраст. Неговиот одговор беше појаснување во врска со известувањата оти тој не им дава на сопствените деца да го користат Тикток.

Законодавците го прашаа Шу дали кинеската влада може да пристапи до корисничките податоци на Американците, и како спречува штетната содржина да стигне до младите корисници.

Извршниот директор на Тикток рече дека иако „огромното мнозинство“ корисници на апликацијата се над 18 години, компанијата вовела мерки за заштита на младите луѓе кои ја користат. Тој додаде дека содржините како што се потенцијално опасни предизвици се забранети на Тикток.

Апликацијата неодамна воведе повеќе алатки кои овозможуваат родителска контрола врз содржината, а претходно овој месец компанијата објави дека започнала работа на функција која ќе им овозможи на родителите да ги блокираат тинејџерите да гледаат клипови од апликацијата што содржат одредени зборови или хаштагови.

Конгресното сослушување на директорот уследи откако администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се соочи со зголемен притисок од пратениците да ја забранат апликацијата поради загриженост за националната безбедност.

Апликацијата Тикток е во сопственост на кинеската компанија „Бајтденс“.